Zülfiya Yakup
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Дијалогот меѓу Косово и Србија нема алтернатива и затоа е добро што по многуте тензии во последните неколку дена, дијалогот во Брисел продолжува утре, сметаат политичките аналитичари од Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Политикологот Рамуш Тахири вели дека по лошото минато што Косово го имаше со српскиот режим, дијалогот е единствената опција за регулирање на отворените прашања и за да се нормализираат односите во корист на граѓаните на Косово и Србија.
Тахири во изјава за АА рече дека е добро што и во двете делегации за првпат ќе бидат премиерите и претседателите на двете земји, додавајќи дека додека Србија на пролет ја чекаат претседателски избори, во Косово претседателот е силен поради тоа што доаѓа од најголемата партија и има определено влијание врз спроведувањето на постигнатите договори.
„По недоразбирањата или тензиите околу српскиот воз којшто не беше дел од договорот, бидејќи беше надвор од редовната линија што би сообраќала на релацијата Белград – Митровица, без оглед на иконографијата што беше на него и по неговото запирање, мислам дека треба да се изградат нови принципи во разговорите меѓу Косово и Србија. Косово треба да се претстави достоинствено, како држава, да има меѓународен субјективитет и да се договорат на кои принципи ќе се дискутира и како ќе се реши ова прашање со цел да нема двојно значење и за да се избегне какво било одложување на спроведувањето на овие договори“, вели Тахири.
Јета Красниќи од Косовскиот демократски институт (КДИ) нагласува дека по неодамнешните тензии околу возот со националистички натписи ,Косово е Србија’ и со верската иконографија, како и поради заострувањето на речникот до закани за употреба на оружје, се очекуваше Брисел, односно високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, да ги повика двете страни на состанок за да побара смирување на страстите.

Меѓутоа, таа истакнува дека останува да се види дали утрешната средба на највисоко ниво во Брисел значи и промена на форматот на дијалогот Косово-Србија.
"Нам ни останува да видиме што ќе разговараат утре двете страни, што ќе биде на дневен ред за дискусија, но сигурно е дека примарно ќе биде инсистирањето на ЕУ дијалогот меѓу Косово и Србија да продолжи и договорите постигнати досега да се применат, а можеби ќе се разговара и за иднината на дијалогот, кој ќе го предводи и на кои теми ќе се дискутира", рече за АА Јета Красниќи.
Красниќи истакна дека косовската делегација, секако, треба да бара укинување на српската потерница, бидејќи Србија нема јурисдикција над Косово.
"Треба да се има такви барања и косовските лидери треба јасно и одлучно да ги стават тие барања на маса во Брисел. Дијалогот е неизбежн бидејќи е поврзан со нашиот пат кон Европската Унија, но тоа не значи дека ние треба да прифатиме сè, туку треба да бидеме јасни што сакаме да постигнеме, да имаме јасна стратегија и јасни теми кои секогаш ќе бидат во согласност со интересите на граѓаните на Косово и во согласност со Уставот и законите на Косово", рече Красниќи.
Според мислењето на Рамуш Тахири, косовската опозиција, која бара прекин и условување на дијалогот со Србија, особено по задржувањето на Рамуш Харадинај во Франција по српската потерница, треба да биде конструктивна и да обезбеди конкретни предлози за тоа како да се реши ова прашање, а не да бара прекин на дијалогот за кој нема алтернатива.
Тахири, исто така, смета дека косовските Срби треба да бидат дел од косовската делегација во дијалогот со Србија, кој се води во Брисел, како што беа дел од преговорите за статусот на Косово во Виена. На овој начин, додава тој, може да ги остварат сите права како граѓани на Косово, со неопходната помош на Србија во реализацијата на националните прашања, култура, традиција, религија, високо образование, здравство и други прашања.