Bekim Laci
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Садула Дураку, денеска го отвори 7. состанок на работната група за животна средина, која функционира во рамките на Регионалниот совет за соработка, на кој учествуваат претставници од шесте земји од Југоисточна Европа: Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Дураку, во своето обраќање пред присутните, рече дека состаноците како што е овој состанок, даваат голем придонес во размената на искуства и соработката на земјите од Западен Балкан, олеснувајќи го спроведувањето на целите и приоритетите кои се дел од Стратегијата 2020 на Југоисточна Европа.
Дураку нагласи дека застапувањето на оперативните политики и врски меѓу животната средина и другите сектори, како што се климатските промени се значајни, изразувајќи задоволство од последниот состанок на министрите во Бон, каде што беа презентирани резултатите од конечната студија за климатски промени во Западен Балкан во која беа анализирани врските меѓу климатските промени и другите сектори.
„За нас е важно што веќе сега се создадени фондови кои доаѓаат преку австриските агенции, со кои ќе бидат финансирани проектите „Клима Проф“ и „Нексус“, за кои на овој состанок ќе се разговара за последните состојби и идните чекори“, додаде Дураку.
Заменик-генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Газмент Турдиу, рече дека работната група за животна средина постои веќе три години, при што се постигнати значителни резултати.
Осврнувајќи се на важноста на Регионалниот совет за соработка, Турдиу нагласи дека постои студија направена за климатските промени на Западен Балкан, чии резултати ќе бидат објавени наредната недела.
Студијата за која станува збор, рече тој, покажува дека ако се преземат потребните мерки, просечното зголемување на температурата ќе биде за 3 степени кон средината на векот, и за 5-6 степени во текот на летото кон крајот на векот.