Балкан

Додик по пресудата најави забрана на дејствување на правосудните и безбедносните институции на БиХ во ентитетот РС

„Лошо се изиграа со ова што го направија. Тие се тотални наивци. Ние имаме своја реакција. Од денес ја нема Босна и Херцеговина каква што ја замислувавте...“

Elvır Hodzıc  | 26.02.2025 - Обновена : 27.02.2025
Додик по пресудата најави забрана на дејствување на правосудните и безбедносните институции на БиХ во ентитетот РС

САРАЕВО (АА) – Милорад Додик најави дека како одговор на пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против него, ентитетските власти на Република Српска (РС) денес ќе усвојат низа закони со кои ќе се забрани работата на државните правосудни и безбедносни институции на територијата на ентитетот, јавува Анадолу.

Претседателот на ентитетот РС, осуден првостепено на една година затвор и шест години забрана за вршење на функцијата, најави дека РС ќе ја забрани работата на Обвинителството на БиХ, Судот на БиХ, Високиот судски и обвинителски совет, СИПА и Разузнавачката служба на БиХ.

„Лошо се изиграа со ова што го направија. Тие се тотални наивци. Ние имаме своја реакција. Од денес ја нема Босна и Херцеговина каква што ја замислувавте. Ние сè уште ви нудиме уставна БиХ и имате многу кратко време да ја прифатите, нема да ве чекаме долго“, порача Додик на митингот во Бања Лука откако Судот на БиХ го осуди за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

Истакнувајќи дека знае што ќе прави и дека за тоа му е потребна поддршката од народот, Додик рече дека веќе го контактирале и поддршка му дале српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој нагласи дека не се чувствува виновен, а процесот го нарече „политички обид за соборување“ на него и на РС.

Тој ја навреди судијката на Судот на БиХ која ја изрече пресудата, како и опозицијата на РС, високиот претставник и европските претставници во БиХ, нарекувајќи ја Европската Унија „мртва“ и не воздржувајќи се да употреби и пцости.

„Ни кажуваат за стабилна Европа, а вие гледате дека е мртва. По кој пат да одиме и по која Европа? Ова не е Европа, ниту Германија од пред десет години. Тие немаат лидери, немаат суровини, немаат ни поддршка од Америка и во судир се со Русија како единствен извор на суровини и сѐ уште велат дека можат да направат нешто“, рече Додик.

Тој упати најжестоки навреди кон високиот претставник Кристијан Шмит, заканувајќи му се дека ќе биде уапсен ако дојде на територијата на РС.

„Тој не заслужува да помине низ српска земја. Тој заслужува да го испратите со камења бидејќи тој прв изврши насилство, а ние имаме право да се браниме. Ќе се браниме на секој чекор и никој за тоа нема да ве прогонува“, рече Додик.

Тој порача дека полицијата и правосудството на Република Српска „од денес ќе го бранат нејзиниот Устав“.

Додаде дека „муслиманскиот народ е добар“ и дека „никој не смее да прави ништо против муслиманите“, но дека проблем се неговите политичари.

Судот на Босна и Херцеговина денес донесе пресуда со која Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана да ја извршува функцијата претседател на Република Српска, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

Второобвинетиот во овој случај, Милош Лукиќ, е ослободен од обвиненијата дека го извршил наведеното кривично дело, потврди Судот на Босна и Херцеговина.

Никој од обвинетите или нивните адвокати не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.

Пресудата е првостепена и Додик и Лукиќ имаат право на жалба.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın