САРАЕВО (АА) - Јужнокорејскиот судија на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) О-Гон Квон денес, 24-ти март, ќе ја изрече историската пресуда на воениот лидер на босанските Срби и првиот претседател на Реублика Српска, Радован Караџиќ.
Ова ќе биде првата пресуда на МКСЈ за највисок политички функционер од просторите на поранешна Југославија со оглед на тоа дека во Хашкиот притвор, додека му траеше судењето, во 2006 година, почина поранешниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.
- Геноцид, злосторство против човештвото и кршење на законите за војување -
Караџиќ според обвинението на Хашкото обвинителство е обвинет по две точки за геноцид, по пет точки за злосторство против човештвото и по четири точки за кршење на законот или видот на војување.
Хашкото обвинителство побара казна доживотен затвор за Радован Караџиќ.
Караџиќ никогаш не се изјасни во однос на вината, а во судките списи на Хашкиот трибунал внесено е дека тој не се чувствува виновен.
Радован Караџиќ по професија е невропсихијатар, еден од основачите на Српската демократска партија на Босна и Херцеговина, нејзин претседател од 1990 до јули 1996 година, претседавач со Советот за национална безбедност на т.н Српската Република во Босна и Херцеговина (подоцна Република Српска), од крајот на 1992 година претседател на Република Српска и врховен командант на вооружените сили на РС до јули 1996 година.
Неговата изјава од седницата на Собранието на Босна и Херцеговина од 14-ти октомври 1991 година, остана запаметена во јавноста како една од најдиректините закани изречени во предзорјето на војната во БиХ:
„Ова што вие го правите не е добро. Овој пат на којшто вие сакате да ја изведете БиХ е истата онаа автострада на пеколот и страдањата низ која поминаа Словенија и Хрватска. Немој да мислите дека нема да ја одведете БиХ во пеколот, а муслиманскиот народ можеби до исчезнување. Бидејќи муслиманкиот народ не може да се одбрани ако дојде до војна овде...Како ќе спречите вие да не се убива секој со секого во БиХ...”
МКСЈ во последната година од војната во БиХ, на 25-ти јули 1995 година, го подигна првото обвинение против Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, за геноцид и други злосторства сторени на подрачјето на БиХ. Второто обвинение против двајцата е потврдено на 16-ти ноември 1995 година и се однесува на геноцид и други злосторства сторени на подрачјето на Сребреница.
Последното оперативно обвинение против Караџиќ е потврдено на 19-ти октомври 2009 година.
- Бегалецот „падна” сред Белград -
Во поствоените години, Караџиќ остана запаметен и како бегалец по кого дури и Американците распишуваа потерници со награда од пет милиони долари за информација околу тоа каде се крие.
Уапсен е во Белград на 21-ви јули 2008 година. Во главниот град на Србија работеше под лажното име Драган Дабиќ. Имаше приватна ординација во која пациентите ги лечеше со алтернативна медицина. За да не биде препознаен, носеше долга брада и коса.
По скоро 13 години бегство и криење, Караџиќ во Хашкиот притвор е префрлен на 31-ви јули 2008 година, а судењето започна во 2009 година, без присуство на Караџиќ на првите две рочишта во текот на изнесувањето на обвинението. Се појави на судењето на почетокот на 2010 година, кога започна изнесувањето на воведните зборови на одбраната, решавајќи сам да се брани.
Во обвинението се наведува дека најдоцна до октомври 1991 година до 30-ти ноември 1995 година, Радован Караџиќ учествувал во здружен злосторнички потфат (ЗЗП) „кој имаше за цел трајно отстранување на босанските Муслимани и босанските Хрвати од подрачјето на Босна и Херцеговина на која босанските Срби тврдеа дека имаат право”.
Се наведува дека „од април 1992 година до ноември 1995 година, учествувал во ЗЗП да се покрене и спроведе кампања на снајперско делување и гранатирање на цивилното население на Сараево, чија цел беше ширење на терор меѓу цивилното население”.
Освен тоа, во обвинението се наведува дека „Караџиќ учествувал во ЗЗП за елиминирање на босанските Муслимани во Сребреница и тоа убивање на мажите и машките деца, како и присилно грабнување на жените, децата и еден дел од старите машки лица од тоа подрачје”.
Исто така, се наведува дека учествувал во ЗЗП на земање на припадиниците на Обединетите нации како заложници со цел да се принуди НАТО да се воздржи од воздушни напади врз воените цели на босанските Срби.
Караџиќ, исто така, се товари за злосторствата наведени во обвинението, меѓу другото, и како претпоставен, бидејќи знаел или имал причини да знае дека силите под негова ефективна контрола вршат злосторства или дека веќе ги извршиле, а не преземал мерки за спречување на злосторствата или пак казнување на извршителите на тие злосторства.
- Времето не ги залечи раните -
Судењето на Радован Караџиќ заврши во октомври 2014 година по над 500 судски денови и учество на 586 сведоци на обвинението и одбраната. Во судските акти се внесени над 11.000 доказни предмети.
Со пресудата на 70-годишниот Караџиќ која ќе биде изречена денес, каква и да биде, многумина нема да бидат задоволни. Посебно жртвите на теророт во текот на воените години во БиХ како и семејствата на жртвите. Тие овие денови јасно порачаа: најстрога казна, иако било која казна којашто ќе ја изрече Хашкиот трибунал нема да ги залечи нивните рани.