Ekip
18 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
БРИСЕЛ (AA) - Меѓународната заедница вети 1.15 милијарди евра (1,25 милијарди американски долари) за поддршка на долгорочното опоравување на Албанија по разорниот земјотрес што ја погоди оваа земја во ноември минатата година, соопшти Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Соопштението е објавено по одржаната меѓународна донаторска конференција „Заедно за Албанија“ организирана од Европската унија во Брисел.
Покрај земјите и институции членки на ЕУ, на конференцијата учествуваа неколку други земји и меѓународни организации, вклучувајќи ја Турција и Обединетите Арапски Емирати.
Земјите-членки на ЕУ, Европската комисија и Европската инвестициска банка ветија вкупно 400 милиони евра помош за опоравувањето на Албанија по катастрофалниот земјотрес.
„ЕУ се залага за солидарност. Народот во Албанија знае дека припаѓа на нашето европско семејство, сега повеќе од кога било“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Заменик-министерот за надворешни работи на Република Турција и шефот на дирекцијата за европски работи Фарук Кајмакчи истакна дека Турција на жртвите од земјотресот во Албанија ќе им помогне со околу 46,3 милиони евра.
Кајмакчи изјави дека Турција беше меѓу првите земји кои дојдоа во Албанија со својот тим за пребарување и спасување, како и за доделување хуманитарна помош. Турција исто така помогна во обновата на станбените објекти и џамијата во Прези.
По донаторската конференција во Брисел, премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека е „восхитувачки тоа како солидарноста се шири во срцето на Европа".
Рама рече дека исходот од конференцијата е „повеќе од магичен" и дека со половина од таа сума конференцијата би ја сметал за успешна.
„Неверојатно е ова на што сведочевме", додаде Рама.
Разорниот земјотрес го погоди северозападниот дело на Албанија на 26 ноември минатата година. Од последиците на земјотресот загинаа 51, а повредени беа повеќе од 3.000 лица. Голема материјална штета регистирана е на порачје на 11 општини во Албанија.