Ekipa
13 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Државниот врв на Северна Македонија изрази сочувство до Туркије за загинатите во експлозијата во Истанбул која се случи денеска, во која животот го загубија 6 лица, а 53 се повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку Твитер упати сочувство до семејствата на загинатите и до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите, претседателот Реџеп Таип Ердоган и до турскиот народ во овие тешки мигови по денешната страотна експлозија во Истанбул. На повредените им посакувам брзо закрепнување.“
Порака со сочувство упати и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски:
„Упатувам длабоко сочувство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот Екрем Имамоглу, и претседателот Реџеп Таип Ердоган по денешната експлозија во срцето на Истанбул.“
Жалење и сочувство до семејствата на загинатите и до својот турски колега Мевлут Чавушоглу упати и министерот за надворешни работи Бујар Османи:
„Шокиран и тажен од веста за експлозијата во Истанбул, Туркије, попладнево, која резултираше со бројни жртви. Моето најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и до нивните најблиски. Искрени желби за брзо закрепнување на повредените“, напиша Османи на Твитер, тагирајќи го турскиот министер Чавушоглу.