Admir Fazlagic
31 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Државниот врв на Република Северна Македонија упати сочувство до Турција и турскиот народ поради земјотресот во Измир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, упати сочувство до семејствата на жртвите и повредените во земјотресот.
„Вознемирувачки се сликите што пристигнуваат по големиот земјотрес во Измир, Турција. Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, упатувам најискрено сочувство до фамилиите на жртвите и повредените. Се надеваме на брзо закрепнување од последиците“, напиша Заев на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, упати сочувство до семејствата на загинатите во земјотресот во Измир.
„Длабоко сочувство со народот на Република Турција по силниот земјотрес, којшто денес го погоди Измир. Искрено жалиме и сочувствуваме со семејствата на загинатите. На повредените им посакуваме брзо опоравување. Нашите молитви се со вас“, истакна Џафери во објавата на неговиот официјален профил на Фејсбук.
Сочувство до турскиот народ и до неговиот колега, министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изрази и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
„Внимателно ги следиме трагичните настани во Турција, предизвикани од земјотресот во Егејот. Нашите мисли и молитви се со оние што ги изгубија блиските и со другите погодени. Искрени зборови на поддршка и солидарност драг Мевлут Чавушоглу. Подготвени сме да помогнеме“, напиша Османи на социјалната мрежа Твитер.
Претходно, сочувство до турскиот народ поради земјотресот во Измир упати и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Според последните информации, најмалку 25 лица загинаа, а 804 се повредени откако земјотрес со јачина од 6,6 степени вчера го погоди Измир, Турција.