Stipe Majic
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Државното обвинителство на Загреб денеска соопшти дека со балистичко вештачење на металните делови од воениот дрон, кој падна во Загреб, е утврдено дека се работи за авиобомба со запалка, додека за трагите од експлозивот сѐ уште не може да се донесе конечен заклучок, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земајќи ги предвид информациите објавени во медиумите за резултатите добиени од спроведеното вештачење и добиените прашања од новинарите, Жупаниското државно обвинителство на Загреб извести дека „поради анализа на трагите на местото на настанот, досега се издадени налози за спроведување на повеќе видови вештачење (хемиско-физички, механоскопски, балистички, токсиколошки), а побарано е стручно мислење од воздухопловниот технички персонал“.
„Жупаниското државно обвинителство во Загреб досега доби резултати од балистичкото вештачење и само дел од резултатите од хемиско-физичкото вештачење. Со балистичкото вештачење на металните делови утврдено е дека станува збор за авиобомба со запалка“, соопшти Жупаниското државно обвинителство во Загреб.
„Резултатите од досегашниот тек на истрагата и резултатите од спроведените вештачења не даваат основа за донесување конечен заклучок“, се наведува.
Државното обвинителство во Загреб, во координација со надлежните тела вклучени во истрагата (претставниците од Центарот за форензички испитувања, истражувања и вештачења „Вук Вучетиќ“, Управата за криминалистичка полиција, Воената полиција и разузнавачките агенции), продолжува со работа на предметот со цел утврдување на сите релевантни факти за уривањето на беспилотното летало „ТУ-141 Стриж“ во загрепската област Јарун пред две недели.