Vesna Besiç
26 Април 2016•Ажурирај: 27 Април 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на турската Управа за верски работи Мехмет Гормез, кој присуствува на средбата на Исламски заедници на Европа „Муслиманите во Европа - наследството и иднината” во Загреб, порача дека е многу битно што во хрватскиот главен град се организира овој собир поради тоа што сега во Европа и светот владееисламофобија, јавува Anadolu Agency (AA).
Гормез ѝ честита на хрватската влада бидејќи во „овие тешки денови одбележува 100 години од признавањето на исламот во таа земја”.
Како што рече Гормез, тој доаѓа од една земја која е и економски и географски голема, и од земја во која живеат и немуслимани, припадници на различни религии. Смета дека Хрватска е помала земја од Турција, но во неа има големо разбирање за другите религии.
„Многу е важно што во Загреб се организира собир особено поради тоа што денес во Европа и светот владее исламофобија. Имаме голема соработка со Исламската заедница на Хрватска и се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи”, истакна Гормез.
Потсети дека Австрија е првата земја во Европа која официјално го призна исламот, а 2002 година тоа и го одбележа.
„За жал, морам да кажам дека во Австрија немам видено некој напредок од 2002 година, а тоа ни е голема желба на сите нас. Наша должност е да преку соживот и толеранција, и со среќевање на сите култури од Исток до Запад, се носиме со тоа и живееме во една соработка и сакаме кај сите да видиме напредок”, додаде Гормез.
Говореше за доаѓањето на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Хрватска велејќи дека неговото доаѓање во таа земја е многу важно не само за Хрватска туку и за цела Европа.
Одбележувањето на стогодишнината од официјалното признавање на исламот во Република Хрватска започна со промоција на книгата на поранешниот муфтија Шевко Омербашиќ „Јадранскиот скапоцен камен”, потоа продолжи со свечена седница на сите органи и установи на Исламската заедница на која се доделени признанија за најистакнатите членови кои во овие сто години дале придонес за работата и развојот на Исламската заедница.
Исто така, утре ќе се одржи свечена седница на Хрватскиот сабор на која ќе присутните ќе се потсетат на седницата на Саборот одржана пред сто години на која исламот беше признат и изедначен со сите други религиски заедници во Хрватска.
Во таа пригода претставниците на Исламската заедница ќе врачат признанија на Саборот, Владата и претседателите на Хрватска, заслужните градоначалници и други истакнати личности. Истиот ден во Хрватскиот народен театар ќе се одржи свеченост на којашто ќе присуствуваат 700 гости.
Всушност, на 27-ми април 1916 година, Хрватскиот сабор официјално го призна статусот на исламот како религија и со тоа го изедначи со сите тогашни религиски групи и заедници: католичката и еврејската. Тоа значеше еден голем чекор во дефинирањето на правните рамки на функционирање на Исламската заедница во Република Хрватска и давање статус на официјална религија, врз којшто можеа да се развиваат сите активности врзани за исламот и муслиманите, бидејќи во пописот таа година биле евидентирани 240 муслимани.
Имаше многу муслимани во војската и всушност војската била темел за таквиот пристап, што се гледа и од самото именување. Всушност, во 1919 година, се именува воен имам, а немало ниту цивилен имам. Веќе во 1922 година се именува воен муфтија и тоа се издигнува на одредено организациско ниво во рамките на војската. Тогаш се даваат јасни правни рамки за нормално и несметано функионирање или исповедање на исламската вера, како што стои во тој Закон.
Според статистичките податоци, во Хрватска живеат околу 63.000 муслимани, што претставува 1,5 отсто од вкупното население.