Dejan Maksimovic
09 Октомври 2024•Ажурирај: 11 Октомври 2024
ДУБРОВНИК (АА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и украинскиот претседател Владимир Зеленски по денешната билатерална средба во Дубровник потпишаа договор меѓу Хрватска и Украина, пренесува Анадолу.
Станува збор за Договор за долгорочна соработка и поддршка меѓу Хрватска и Украина, со кој ќе се официјализира веќе постојната соработка меѓу двете земји, особено на подрачјето на хуманитарната помош, деминирањето и процесуирањето на воените злосторства, објавија хрватските медиуми.
Пленковиќ и Зеленски се сретнаа на маргините на третиот самит „Украина - Југоисточна Европа“ што денес се одржува во Дубровник.
На самитот присуствуваат претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар; претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ; претседателката на Република Косово, Вјоса Османи; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски; премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис; премиерот на Владата на Бугарија, Димитар Главчев; претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама; претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто; потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Молдавија, Михаи Попсои; министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан; министерката за надворешни работи на Романија, Луминита Одобеску и потпретседателката на Европската комисија за демографија и демократија, Дубравка Шуица.
Генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман, ќе се обрати на самитот преку видеопорака, соопштија од хрватската Влада.