Abdula Berisha
02 Април 2024•Ажурирај: 04 Април 2024
СКОПЈЕ (АА) – Во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија се одржа церемонијалниот чин на потпишување на Кодексот за фер и демократски избори за Претседателските избори 2024 година, известува Анадолу.
На настанот беа присутни сите седум кандидати: Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ја прочита содржината на Кодексот, кој меѓу другото предвидува дека учесниците во изборниот процес се обврзуваат дека ќе ги почитуваат сите закони, правила и пописи кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваат владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.

Исто така, учесниците се обврзуваат дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол.
Кодексот беше потпишан од сите кандидати, освен од Стевчо Јакимовски. Тој рече дека ќе го почитува Кодексот за фер и демократско водење на претседателската кампања, но нема да го потпише. Според него, неразбирливо е да нема т.н. Мастер дебата, односно дебата на која би учествувале сите седум кандидати.

Дел од кандидатите, особено кандидатите од опозициските партии, се пожалија дека предвиденото во Кодексот не се спроведува во реалност. Имаше и обвинувања дека дел од кандидатите се фаворизирани, земајќи поголем дел од средствата за кампања.
Во декември 2023 година политичките лидери се согласија околу датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија.
Првиот круг на претседателските избори е договорено да се одржи на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори се очекува да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.