Ferdi Türkten,Ali Kemal Akan
17 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
ТИРАНА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека земјата придава големо значење на мирот и стабилноста на Балканот и дека ќе направи сè што е во нејзина моќ да ги зачува тие вредности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во Тирана се состана со албанскиот премиер Еди Рама, а надлежните официјални претставници потпишаа седум договори за билатерална соработка.
Турскиот претседател на заедничката прес-конференција се заблагодари за гостопримството и искреноста на албанските браќа, поради што, како што рече, во Албанија секогаш се чувствува како дома. Ердоган истакна дека Турција и Албанија имаат длабоки историски врски и дека се едни покрај други и во добро и во лошо.
„Вистински пријател е оној кој трча напомош и без повик и токму водени од оваа идеја дојдовме да помогнеме веднаш по разорниот земјотрес што неодамна ја погоди Албанија“, рече Ердоган.
Турскиот претседател предупреди дека терористичката организација ФЕТО, на чии раце има крв на недолжни, не е закана само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна.
„Искрено очекуваме во наредниот период да се преземат поконкретни, поодлучни и побрзи чекори против структурите на терористите на ФЕТО во Албанија“, порача Ердоган.
Коментирајќи ги добрите односи кои ги има Турција со земјите од Балканот, Ердоган рече дека Турција не е примена во Европската Унија, но дека е угледна и силна членка на НАТО.
Тој нагласи дека Турција придава големо значење на зачувувањето на мирот и стабилноста на Балканот.
„Како што секогаш го правевме својот дел од работата за мирот и просперитетот на Балканот, остануваме една од земјите гаранти на мирот и спокојството во иднина“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претходно денес во албанскиот град Лач присуствуваше на церемонијата за предавање на 522 станбени единици вредни 42 милиони евра, наменети за семејствата кои го загубија покривот над главата во земјотресот во 2019 година.
Ердоган вечерва во Тирана присуствува и на свеченото отворање на џамијата „Етем-бег“, реставрирана од Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), а ќе има обраќање и пред пратениците во албанскиот Парламент.