Ferdi Türkten
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја посети турската воена мисија во базата „Бутмир“, во близина на Сараево, која е во состав на мировната мисија на ЕУФОР АЛТЕА, јавува Anadolu Agency (AA).
Во големата делегација на претседателот Ердоган во посета на кампот „Бутмир“ беа и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак, и шефот на Канцеларијата за комуникации при Кабинетот на претседателот, Фахретин Алтун.
Ердоган во текот на посетата на базата присуствуваше и на заедничкиот ручек со војниците.

Турските војници се ангажирани во БиХ во рамките на операцијата АЛТЕА, што ја спроведува ЕУФОР. Во операцијата се вклучени 23 членки на Европската Унија, како и Турција, Северна Македонија, Албанија, Чиле и Швајцарија. Целта на операцијата е придонес кон стабилноста и безбедноста на БиХ во согласност со целите на Генералниот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина (1995).
Ердоган денеска пристигна во дводневна посета на Босна и Херцеговина, во рамките на која ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), со кој претседава Босна и Херцеговина.
„Мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот се многу важни за нас. Нашата земја го нема тој луксуз оддалеку да ги набљудува случувањата на тоа подрачје“, рече Ердоган пред неговото заминување за Сараево.
Ердоган во текот на денот ќе се состане и со членовите на Претседателството на БиХ. Во текот на денот најавен е и состанок со претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, и со претседателот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, како и учество на свечена вечера во Претседателството на БиХ.
По состанокот со Изетбеговиќ, планирана е средба на Ердоган со словенечкиот претседател, Борут Пахор.
Утре, на вториот ден од посетата, турскиот претседател ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), а на маргините на самитот би требало да се сретне и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во придружба на сопругата Емине Ергодан, турскиот претседател во Сараево треба да присуствува и на испраќањето на посмртните останки на жртвите од геноцидот во Сребреница, кои ќе бидат погребани во Поточари на 11 јули, на 24. годишнина од тоа злосторство.