Almir Terzic
21 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
САРАЕВО
Во Добој и Сребреница денес во седум часот се отворени гласачките места на кои гласачите на повторените избори ќе можат да гласаат за градоначалник и советници во Собранието на Градот Добој, односно за градоначалник и советници во Собранието на Општина Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Повторените избори за градоначалник на Град Добој и советници на Собранието на Градот Добој се одржуваат на 89 гласачки места, а за градоначалник на Општина Сребреница и советници во Собранието на Општина Сребреница на 28 гласачки места, и тоа 26 редовни гласачки места и две гласачки места за гласање на гласачите во отсуство - во Градачац и Живинице.
Повторените избори во Добој и Сребреница се одржуваат во согласност со одлуката на Централната изборна комисија на Босна и Хецеговина од 2 февруари, а гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот.
Во согласност со членот 14.1 од Изборниот законик на Босна и Херцеговина, повторените избори се спроведуваат врз основа на истите кандидатски листи и истите изводи од Централниот избирачки список што се користени на поништените избори.
На гласачкото ливче за избор на градоначалник на Општина Сребреница се наоѓаат четири кандидати во име на четири заверени политички субјекти (двајца независни кандидати, една коалиција и една политичка партија), додека на гласачкото ливче за Собранието на Општина Сребреница се наоѓаат кандидати на 27 политички субјекти (еден независен кандидат, четири коалиции и 22 политички партии).
Со одлука на иницијативата „Моја адреса: Сребреница“, која ги собира пробосанските сили, соопштено е дека кандидатите што ги собрала ќе ги бојкотираат повторените локални избори во Сребреница, бидејќи не се одржуваат во фер и демократска атмосфера.
Истовремено, на гласачкото ливче за избор на градоначалник на Градот Добој се наоѓаат тројца кандидати во име на три политички партии, додека на гласачкото ливче за Собранието на Градот Добој се наоѓаат кандидати во име на 85 политички субјекти (34 независни кандидати, четири коалиции и 47 политички партии).
По распишувањето на повторените избори во Добој и Сребреница, Централната изборна комисија на БиХ усвои и низа акти кои го третираат повторувањето на изборите во Добој и Сребреница.
На 26 редовни гласачки места во Сребреница именувани се 108 претседатели и членови на гласачките одбори и исто толку нивни заменици и посебен Ковид-19 мобилен тим со тројца членови. Именувани се членови на гласачките одбори на две гласачки места за гласање во отсуство за Сребреница - во Градачац и Живинице.
На 89 редовни гласачки места на повторените избори во Градот Добој именувани се 427 претседатели и членови на гласачките одбори и исто толку нивни заменици.
Право на глас на 26 редовни гласачки места во Сребреница имаат 10.002 гласачи, и 437 гласачи на две гласачки места во отсуство во Градачац и Живинице.
Од Иницијативата „Моја адреса: Сребреница“ ги повикаа бошњачките граѓани - гласачи да не гласаат на повторените локални избори, бидејќи кандидатите на пробосанските сили што ќе освојат мандати на тие избори нема да ги прифатат. Наведоа дека излегувањето на повторените избори на оние што го сакаат тоа, е нивна одговорност.
Право на глас на повторените избори на 89 гласачки места во Добој имаат 50.615 гласачи.
Повторените избори во Добој и Сребреница во име на Централната изборна комисија на БиХ ги набљудуваат 130 супервизори кои се обучени и сертифицирани во согласност со усвоената Програма и методологија за обука на супервизори за надгледување на повторените избори во Добој и Сребреница.
За надгледување на повторените избори во Добој и Сребреница, Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ акредитираше 118 набљудувачи на здруженија на граѓани, додека за акредитирање на набљудувачи на политичките субјекти за надгледување на работата на гласачките одбори и општинските/градските изборни комисии надлежна е општинската/градската изборна комисија.