Adel Ömeragiç
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
ПОДГОРИЦА (AA) - Со усвоената Програма за 2016 година, Европската комисија на 2. декември минатата година додели 22,9 милиони евра за Црна Гора, како поддршка за спроведување на реформите на нејзиниот пат кон членството во Европската Унија, се вели во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Подгорица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Европската Унија е најголем инвеститор во Црна Гора“, вели амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора, со мало потсетување дека ЕУ веќе вложила над 235 милиони евра преку инструментите за претпристапна помош.
„Оваа инвестиција носи и одговорност – кога ЕУ вложува пари од своите даночни обврзници, тогаш очекува нешто за возврат. Во овој случај, тоа е одржлив биланс на резултати за реформите што ќе им го сменат на подобро животот на граѓаните на Црна Гора, а истовремено Црна Гора добро да се подготви за членството“, истакна Орав.
Вкупно 16 милиони евра се определени за заштита на животната средина, со цел да се подобри квалитетот на воздухот и на водата, промовирање на рециклирањето на отпадот и за борба против климатските промени. Европската поддршка на Црна Гора ќе ѝ послужи и за да се позанимава со проблемот за ризик од поплави, и да го сочува, заштити и да го подобри квалитетот на водата за капење.
Дополнителните 6,9 милиони евра ќе се вложат во економската конкурентност и за иновациите, особено за малите и средните претпријатија.
Благодарение на ЕУ поддршката, црногорските компании ќе имаат подобар пристап до финансии и ќе станат поконкурентни на меѓународниот пазар. Исто така, со оваа програма ЕУ ќе ги снабди „Технополис“ во Никшиќ и Заводот за метеорологија на Црна Гора со најсовремена лабораториска опрема.
Црна Гора истовремено ја има поддршката на ЕУ и во повеќекорисничката програма ИПА II, преку која се дава финансиска поддршка на регионално ниво за земјите на Западен Балкан и за Турција, за проектите од заеднички интерес.
Исто така, значајни средства се даваат и во организациите од граѓанското општество и за прекугранична соработка меѓу земјите од регионот.