ВЕЛЕС (АА) - Во велешко Горно Оризари, кое се наоѓа на само седум километри од градското подрачје, и понатаму не е решен проблемот со недостигот на вода од градскиот водовод, поради што жителите на ова населено место секојдневно се соочуваат со многубројни проблеми од различен карактер, јавува Anadolu Agency (AA).
„Проблемот со недостигот и прекинот на вода во Горно Оризари е повеќедецениски“, вели во разговор за АА, Семир Алимов, член на граѓанското здружение „Гласот на Оризари“. Тој истакнува дека ниту една од досегашните локални власти не нашла за сходно да изнајде трајно решение за ова прашање што за жителите живот значи.
„Постојано нѐ упатуваат од една до друга институција и се прогласуваат за ненадлежни, дури и вината ја префрлуваат кај жителите за кои велат дека водата ја трошат нерационално и во прекумерни количини, со што ние воопшто не се согласуваме. Водата ја трошиме за егзистенционални животни потреби“, вели Алимов.
„Колку за потсетување, жителите на Оризари се најажурните во рамките на општина Велес, кога е во прашање плаќањето на сметките за вода, а вода немаме, што е навистина апсурдно. Жално е што немавме вода ниту за време на месецот на постите, Рамазан, ниту за празникот Рамазан Бајрам“, потсетува овој млад жител на Горно Оризари.
- „Едно населено место, како два различни света“
Проблемот со водоснабдувањето во Оризари се актуелизираше пред околу еден месец, кога поради дефект во водоводната линија со денови немаше вода во селото, па жителите во два наврати излегоа на протести и го блокираа локалниот пат Велес – Чашка, со цел да го изразат својот револт. Веднаш потоа, претставниците на општинската власт, Јавното комунално претпријатие „Дервен“ и жителите на Горно Оризари разговараа и се согласија времено решение на проблемот да бидат зонски рестрикции во ова населено место. Сепак, граѓаните предупредуваат дека доколку овој проблем не се реши наскоро, ќе преземат и порадикални чекори.
„Еден дел од селото има вода додека другиот дел нема. Едно село сме, а два света, што е навистина неразбирливо, но сепак, ние сакаме да покажеме разбирање и одреден период да причекаме за трајно решение на проблемот“, додава Алимов.
- „Проект за долгорочно решение за проблемот со водоснабдувањето“
„Водоснабдувањето на Оризари е карактеристично заради тоа што повеќе години наназад, тоа населено место во летниот период се соочува со недостиг на вода“, вели за АА градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев. Со цел да се реши овој огромен проблем на жителите, општината уште во 2014 година направи проект во почетна вредност од 14 милиони денари, со којшто веруваат дека долготрајно ќе се реши проблемот со недостигот на вода. Како што објаснува градоначалникот Чадиев, со проектот е предвидено да се постави поширока водоводна цевка.
„Документацијата е испратена до Министерството за транспорт и врски, но сѐ уште немаме добиено одобрение за започнување на проектот. Јас во меѓувреме испратив и ургенција до ресорниот министер, со намера да се забрза целокупната процедура, и веруваме дека во скоро време тоа ќе биде решено“, изјави Чадиев.
Тој додава дека проблемот со недостигот на вода во Горно Оризари се појавува во летните денови, кога потрошувачката на вода се зголемува. Тогаш пумпите кои се дел од водоводниот систем работат по 24 часа за да обезбедат вода, додека во останатиот дел од годината пумпите работат по шест часа и нема проблем со водоводот.
Од друга страна, од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, во допис за АА во однос на проблемот со водоснабдувањето во Горно Оризари велат дека во неколку наврати се обидувале да стапат во конктакт со општина Велес, со цел да се започне со реализација на неколку проекти меѓу кои и „Проектот за реконструкција на водоводната линија од населба Превалец до село Оризари“, за кои општина Велес има аплицирано преку кредитната линија на Европската инвестициска банка.
- „Потребно е општина Велес да го докомплетира проектот, за да тој биде реализиран“
„Последиот обид за средба од страна на Министерството за транспорт и врски е направен пред два месеца, но општината Велес ниту на овој повик нема одговор. Проектот за реконструкција на водоводната линија од населба Превалец до село Оризари е доставен до Министерството за транспорт и врски од страна на општина Велес, но поради некомплетна документација, тој не може да биде реализиран. Во интерес на жителите, потребно е општина Велес да ја докомплетира потребната документација, за проектот да се испрати на одобрување до ЕИБ, и да може да се одобрат средства за негово реализирање“, велат од министерството и порачуваат:
„Апелираме, да не се манипулира со жителите на село Оризари, а општина Велес во најкраток можен рок да ја достави потребната документација до Министерството за транспорт и врски“.
Во меѓувреме, додека трае преписката меѓу надлежните институции, проблемот со водата сѐ уште останува нерешен, а животот на жителите на Горно Оризари потежок. Тие се надеваат дека наскоро ќе има трајно решение за проблемот.
Инаку, за снабдување со водата на населено место одговорно е Јавното комунално претријатие „Дервен".
Според статистиката на локалниот граѓански сектор, Горно Оризари има 2.855 жители, Бошњаци по етничка припадност, од кои 1.611 живеат во ова населено место, а останатите 1.274 живеат во странство, најголем дел од нив во Австрија.