Husamedin Gina
02 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
КУМАНОВО
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во својот говор на Пелинце, по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, истакна дека Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денес во Пелинце положија свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар АСНОМ.
Премиерот Заев во своето обраќање по повод 2 Август – Денот на Републиката, истакна дека светлината на Илинден блеснала двапати во историјата на Северна Македонија.
Наведувајќи дека Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, Заев рече дека тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави.
„Првиот пат во 1903 година со илинденската епопеја, која заврши со Крушевската Република. Првата република на Балканот која на почетокот на дваесеттиот век силно го пренесе во светот гласот за остварувањето на вековниот сон за сопствена држава на Македонците и на своите браќа и другари од другите народи кои живееја, живеат и ќе живеат на овие простори“, нагласи премиерот Заев.
Премиерот Заев, потсетувајќи дека Илинден по втор пат блеснал во 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, каде што се одржа Првото заседание на АСНОМ, нагласи:
„Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина.“
Заев, посочувајќи дека на оваа наша генерација Илинден не ѝ е даден за да го остави во историјата или во сеќавањата, рече дека Илинден е постојан процес кодиран во духот на сите народи кои живеат во нашата татковина.
„Илинден не е врзан за ниту една идеологија, ги надминува границите на било кој временски период. Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина“, истакна Заев.
Додавајќи дека е уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија, премиерот Заев рече дека тоа ќе се обезбеди заедно бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи.