Besar Ademi
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Македонија, Зоран Заев, на церемонијата за одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание, истакна дека Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани е новата ѕвезда на европското соѕвездие, јавува Anadolu Agency (AA).
Македонскиот премиер во своето обраќање пред присутните се осврна на Денот на народното востание, нарекувајќи го востание на македонскиот народ и на сите други граѓани во Макединија, како и почеток на финалните процеси за впишување на македонската држава во картата на светските народи.
Заев нагласи дека кога Македонија беше формирана како дом на слободата, беше формирана да биде дом на слободата на можностите и изборите, слободата на говорот и мислењето, како и слобода за живеење за сите нејзини граѓани.
„Сега е време после сите последни премрежија и после сите искушенија да направиме од нашата држава дом за сите. Сите наши деца да ја видат нашата држава како сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопственото место во домот Република Македонија. Сега е време да им покажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани е новата ѕвезда во европското соѕвездие, дека го заслужуваме тоа место“ истакна Заев.
Премиерот Заев истакна дека членството во НАТО и во Европската Унија (ЕУ) не е последната цел на Македонија, туку целта на Македонија нема крај, бидејќи, според него, победата на слободата и заштитата на мирот никогаш нема крај.
По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, делегација на Владата, предводена од премиерот Зоран Заев, делегации на Собранието, на Армијата на Република Македонија (АРМ), како и други делегации на државните институции и дипломатскиот кор положија цвеќе пред споменикот на ослободителите на град Скопје, во дворот на Собранието на Македонија.
Инаку, 76. годишнина од почетокот на антифашистичкото востание и од Народноослободителната војна денес во Македонија се одбележува со неколку манифестации организирани од страна на Владата, Собранието, Сојузот на борците, како и од општините Прилеп и Куманово.
Се верува дека на 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, нешто што го одбележа почетокот на организираното востание на народот на Македонија против бугарските, италијанските и германските окупатори за конечно ослободување на земјата, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.