Admir Fazlagic
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - По овод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска во Собранието на Република Македонија на историчарот, прод. д-р Амет Шериф и на музичкиот уметник Влатко Стефановски им беше врачена државната наградата „11 Октомври“ за 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Историчарот Шериф наградата за животно дело ја доби во областа на науката и образованието, а музичарот Стефановски во областа на културата и уметноста.
Одлуката минатиот месец ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“. Оваа награда е највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија.
На свечениот настан кој беше организиран во Собранието на Република Македонија во присуство на државниот врв предводен од премиерот на Република Македонија Зоран Заев, министрите во Владата, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата, наградите им ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, академик Митко Маџунков.
„Наградите се доделуваат за да се потсетиме дека над нас има нешто што не надраснува, што е поважно од нас самите", рече академик Манџуков при врачувањето на наградите.
Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“ се обрати Стефановски. Тој во својот говор истакна дека е неверојатно каков пат поминал и како неговото хоби во неговите тинејџерски години подоцна професија, цел живот опсесија, се претворило во нешто достојно за добивање на наградата.

„Верувајте, се чудам на сето она што ми се случува. На моменти се чудам, на моменти сум вознемирен, на моменти сум восхитен, како денеска. Неверојатно е каков пат имам поминато од подрумите во населбата Тафталиџе, кога бев млад тинејџер и кога музиката некако ме заинтересира и ме преокупира. Такво едно дете кое поминало години во учење и совладување на сите музички тајни и после извезен број декади и години стигнав и до Лондонскиот симфониски оркестар, а стигнав и до ова, денеска да ја добијам оваа награда", рече Стефановски.
Проф.д-р Амет Шериф е научен советник во Институтот за национална историја. Тој е долгогодишен научен работник кој со својата научна и општествена активност постигнал научни резултати од јавен интерес на полето на проучувањето на османлискиот период, цивилизација и култура.

Името на Влатко Стефановски денеска се поистоветува со гитарска виртуозност, со џез и етно рок, со Леб и сол, со најголемата музичка сензација во Македонија, со меѓународно етаблирање на македонската поп и рок музика, но и со исклучителен придонес за севкупната македонска културна матрица.