Admir Fazlagic
17 Мај 2018•Ажурирај: 17 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев денеска по одржаната средба со неговиот грчки колега Алексис Цирпас во Софија, истакна дека Македонија и Грција имаат опција која и за двете страни може да биде прифатлива во однос на решението околу спорот со името, пренесува Anadolu Agency (AA).
По средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Софија каде се одржува Самитот на ЕУ за Западен Балкан, премиерот Заев во изјава за медиумите рече дека со неговиот грчки колега имале суштествена средба на која го потврдиле тоа што претходно го договориле шефовите на дипломатиите на двете земји.
Како што појасни премиерот Заев, една од опциите е решение коешто е прифатливо за двете страни во преговорите.
„По сето тоа што досега беше постигнато како премиери констатиравме и потврдиме дека стоиме зад сето тоа. И добро е што е завршено. Тоа што беше останато опциски го отворивме, преку неколку опции, и утврдивме една опција која може да биде прифатлива за двете страни", истакна Заев.
Тој додаде дека мораат да разговараат со претседателите на двете држави, како и со другите лидери, со претставниците на опозицијата, поради што останува да се разработат и другите детали.
Меѓу другото, премиерот Заев рече дека помеѓу Македонија и Грција е развиено пријателство, кое ќе се развива и во иднина.
„Убаво би било решението што двете страни би сакале да биде прифатливо, да се постигне уште сега, бидејќи на крајот на јуни имаме европски Совет, а тоа би било дополнително охрабрување за европскиот Совет", рече Заев.
Ова е втора средба на премиерите на Република Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Цирпас. Претходно, во јануари месец оваа година, тие се состанаа во швајцарскиот Давос, а по средбата премиерот Заев порача дека е редно време да се изнајде решение за спорот околу иметo, затоа што тоа е клучно за евроатланските интеграции на Македонија.