Admir Fazlagic
11 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев утре во Брисел ќе се сретне со високи претставици на ЕУ и НАТО, во прва официјална посета по преземањето на должноста, чија цел, како што соопштија од неговиот кабинет, е Владата да ја потврди својата целосна посветеност на интеграците во ЕУ и НАТО, како стратешка цел на земјата и да ги презентира реформските приоритети во агендата на Владата за враќање на земјава на патот на евроатлансите интеграции, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Премиерот Зоран Заев, кој е придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, во седиштето на Европската Комисија и на Европскиот Совет во Брисел ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Донал Туск, со високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Федерика Могерини, и со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан", соопштуваат од Владата на Република Македонија.
Исто така, како што најавуваат, владината делегација ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Како премиер длабоко ги ценам пораките за поддршка на новата Влада кои деновиве ги добив од челниците на ЕУ и НАТО. Сите без исклучок гледаат голема надеж во мојот Кабинет и во новата влада да ја врати земјата на европскиот пат", порача премиерот Заев.
На средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, владината делегација ќе ја презентира решеноста за унапредување на добрососедските односи врз основа на взаемно почитување, определбата да се продолжи со придонесот во мисиите на Алијансата, како и заложбите да се обезбедат сите потребни предуслови за натамошно осовременување на Армијата на РМ согласно стандардите на НАТО.