Zülfiya Yakup
11 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател, Хашим Тачи, ги повика косовските граѓани да гласаат на предвремените парламентарни избори во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи гласаше заедно со своето семејство во Приштина и притоа истакна дека граѓаните треба да гласаат за својата иднина.
„Сметам дека ова се исклучително важни избори за државата Косово, за негување на демократијата, за афирмацијата на нашата земја, за консолидација и зајакнување на идните институции на Република Косово. Затоа, апелирам до сите граѓани без разлика на нивната етничка или партиска припадност, масовно да излезат да гласаат за својата иднина“, рече Тачи.
Кандидатот за премиер на Косово од коалицијата Демократски сојуз на Косово - Алијансата ново Косово - Алтернатива, Авдула Хоти, го искористи своето гласачко право, a по гласањето изјави дека овие избори се важни и ги повика набљудувачите, комесарите, надлежните органи и сите оние кои се вклучени во организирањето или следењето на овие избори својата работа да ја завршат во согласност со законот.

„Овие избори се многу важни за иднината на Косово. Ги повикувам сите кои се вклучени во изборниот процес да ги почитуваат правилата. Апелирам до граѓаните да гласаат, затоа што нивното уставно право е да решат за својата иднина и за иднината на своите семејства“, рече Хоти.
Своето гласачко право го оствари и Рамуш Харадинај, номиниран за премиер од коалицијата Демократска партија на Косово - Алијанса за иднината на Косово - Иницијатива за Косово.

Тој ги повика сите граѓани да го искористат своето граѓанско право и да излезат на гласање. „Ги повикувам сите граѓани на Косово да го искористат своето право и да излезат да гласаат. Гласот е важен, и денешната одлука ќе важи за наредните четири години“.
Утрово во 7 часот, за избор на новиот состав на Собранието на Косово, беа отворени гласачките места на предвремените парламентарни избори низ Косово. Ова се 6. парламентарни избори во Косово по војната 1999 година, а трети предвремени. Право на глас на овие избори имаат 1.872.941 граѓани. Се гласа во 889 гласачки центри со вкупно 2.490 гласачки места. Гласањето ќе трае од 7 до 19 часот.