МАТ (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Заколнатите девици ѝ припаѓаат на една традиција којашто е создадена и е развиена во еден повеќевековен период, но сѐ уште е присутна и ден-денес, особено во некои периферни области на северниот дел на Албанија. Причините за раѓањето на оваа традиција се поврзани со различни фактори, на коишто се засновани и опстојуваат правилата што го уредувале и го ориентирале некогашното општество.
Меѓу овие фактори, едни од основните се потребата на семејствата без машки наследник да се зачува богатството на семејството; да се избегне каков било конфликт со фатални последици; поради тешките животни услови, поради коишто женско лице морало да стане главен обезбедувач на семејството; но, исто така, поради личен избор на жените што сакале да водат таков живот.
Оваа традиција, иако во помали и многу повеќе изолирани места, сепак, денес сѐ уште е присутна во Албанија.
За заколната девица се сметала и денес се смета жената што одлучува да не се омажи до крајот на својот живот, да ги преземе во семејството работите кои се традиционално машки, да има еднаков статус со мажите во семејството или надвор од него, и да не ја прекрши оваа одлука.
Илмије Лика, родена во 1979 година, е една од жените Албанки што донеле одлука да станат заколнати девици. Таа го дели домот со нејзиниот татко, во селото Голема Гура во Мат, Албанија.

Приемот на гостите во домот на семејството Лика се одвива според сите албански традиции, а дел од овој прием и разговорот со пријателите кои често ја посетуваат куќата е и самата Илмије.
Кога Илмије била на возраст од 13 години, починала нејзината мајка, и оттогаш, нејзиниот живот добил друга насока. Зборувајќи за Anadolu Agency (АА), Илмије Лика ги наведува причините што на наведоа на оваа одлука, како се чувствува во улогата на заколната девица и зошто никогаш не ја прекршува одлуката.
Разговорот со неа се одвива природно, додека Илмије ги раскажува сите фази од својот живот, почнувајќи од смртта на мајка си, одлуката да стане заколната девица, тешките услови за живот на село, како и нејзината здравствена состојба.
„Мојата мајка почина во 1993 година, од сериозна болест. Тогаш бев принудена многу работи да ги правам сама, бидејќи татко ми работеше далеку од дома. Работите во селото можев да ги вршам сама, сите видови работа што ги прави еден маж дома. Постепено овој начин на живот почна да ми се допаѓа. Јас ги обезбедував дрвата за огрев, работев на нива итн. Навистина имав желба да се занимавам со сите овие работи, кои тука во селото обично се препуштени на мажите“, вели таа.
Илмије се разликува по своите карактеристики не само поради статусот со кој веќе се здобила, но, исто така, и според начинот на однесувањето, разговорот, облеката, работата што ја извршува дома, местото што го има во семејството и пошироко.
Поради здравствените проблеми кои ги има веќе неколку години, таа не врши тешки работи како некогаш: не оди на планина да обезбеди огревно дрво и не може да се грижи за другите работи во селото што обично им припаѓаат на мажите, но кои ги преземаат оние жени што одлучуваат да живеат со статусот на заколната девица.
Но, како се чувствува таа во врска со овој избор? Дали засекогаш ќе ја одржи таква заклетва? Како е третирана во семејството и во селото каде што живее? Ова се некои од прашањата што нејзе често ѝ се упатуваат.
Со цигарата којашто не ја испушта од рака, таа вели: „Се чувствувам многу среќна поради оваа одлука. Во селото каде што живеам нема предрасуди. Оваа одлука ја донесов откако мајката ми почина. Ветив дека нема да ја прекршам до смртта. Решив да се бидам заколната девица до крајот на мојот живот“.
На различните церемонии во селото, како и при случувања од типот на погреби, свадби, родендени итн., таа е дел од просториите во коишто обично престојуваат мажите од селото, а почитта и третманот кон неа е еднаков и без предрасуди, напротив, со посебна грижа.
Нејзиниот татко, Сулејман Лика, вели дека ова е избор на самата Илмије, без наметнување од страна на членовите на семејството. Тој бара помош од организациите и од јавните институции да ѝ помогнат на Илмије, бидејќи таа боледува од бронхијална астма и не може да ги покрие трошоците за купување лекарства.
И нејзината братучетка претходно направила таков избор. Таа живеела со своите родители сѐ до смртта, на возраст од околу 70 години. И покрај фактот што децении порано ова беше широко распространета традиција во селата на Мат, во моментов има малку жени што ја продолжиле, а ова, меѓу другото, се должи на развојот на новите услови кои го карактеризираат современото општество.
- Како е роденa традицијата на заколнатите девици во Албанија? -
Како и многу традиции на Албанците, како што се бесата (лојалноста), великодушноста, угостителството, верската толеранција итн, кои станаа предмет на проучување од страна на локални и странски историчари и етнографи, феноменот на заколнатата девица предизвика интерес меѓу истражувачите, но и пошироко. Но, како е родена оваа вековна традиција во Албанија?
Во Албанија, во времето кога животот се потпираше на патријархална основа, мажот беше клучната фигура во водењето на семејството, но, исто така, оној што го преземаше товарот врз себе. Имајќи го предвид ова, кога во семејството имало само ќерки, или кога недостасувал мажот, во некои семејства во северна Албанија се појавила традицијата на заколнатите девици, кои се заветувале дека нема да се омажат до крајот на својот живот, за да имаат „машки“ статус во семејството.
Но традиција се прошири и поради индивидуален избор. Друга причина за донесувањето на ваква одлука често се поврзува со уништувањето на првиот брак, што предизвикувало жената да се откаже засекогаш од правото да се омажи повторно и станувала заколната девица.
Во принцип, заколнатите девици воделе или водат тежок живот, бидејќи тие живеат во планинските области на северниот дел на Албанија, но исто така и поради околностите со кои се принудени да имаат ваков статус. Во моментов, мал број од нив живеат воглавно во северниот дел на Албанија, како што се Скадар, Дебар (Албанија), Мат, Булќизе, Кукс итн.
За историјата на заколнатите девици во Албанија се објавувани и книги, а посебен интерес покажувала и кинематографијата, каде што се направени посебни документарни филмови во врска со оваа традиција, која иако е создадена во минатото, продолжува да се практикува и денес и е дел од албанската реалност.
news_share_descriptionsubscription_contact


