Admir Fazlagic
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа бизнис форум на стопанствениците на Македонија и Босна и Херцеговина, јавува Anadolu Agency (AA).
На форумот присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и претседавачот на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ, кои имаа свои обраќања.
Претседателот Иванов рече дека Македонија и Босна и Херцеговина имаат одлична соработка и билатерални односи во рамките на регионални иницијативи и механизми, како и дека двете земји споделуваат заедничка визија за иднината.
„Нашите две пријателски држави ги поврзуваат многу нешта. Имаме споделено минатото во поранешната заедничка држава. Низ вековите развиваме сличен менталитет на добродушност и на почитување на различноста. Имаме пријателски народи кои меѓусебно се почитуваат и кои уживаат во слична храна,музика и стил на живот“, изјави Иванов, посочувајќи го како пример Старата скопска чаршија и Башчаршија во Сараево, каде, како што рече, традициите и културите се исти.
Иванов додаде дека меѓу Македонија и Босна и Херцеговина сеуште недостасува поинтензивна економска соработка, но наведе дека овој бизнис форум ќе придонесе за отварање на нови перспективи во создавање на правна рамка за конкретна соработка и унапредување на истата.
Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, во своето обраќање за време на отворањето на бизнис форумот на стопанствениците на Македонија и БиХ го повтори својот став дека односите помеѓу БиХ и Македонија се најдобри во регионот и дека истите можат да бидат пример и да јасно покажуваат дека и на Балканот може да се соработува и земјите да имаат многу добри пријателски односи.
Иваниќ рече дека двете земји имаат многу заеднички нешта, меѓу кои се и заедничките цели, Македонија и БиХ да станат дел од европското семејство, а на тој пат и двете земји меѓусебно се поддржуваат. Според него, економскиот облик на соработката помеѓу двете земји е послаб отколку политичкиот. Иваниќ изрази надеж дека во скоро време граѓаните на Македонија и БиХ ќе може да патуваат со само со лични карти, со што смета дека ќе се олесни комуникацијата и ќе овозможи таа да биде многу побрза.
Тој рече дека се надева дека ќе успеат во намерата да биде отворена директна линија Сараево-Скопје. Во однос на економската соработка, истакна дека Македонија и БиХ со заеднички напори можат да пристапуваат на трети пазари.
„Се надевам дека со заеднички напори можеме да пристапуваме на трети пазари. Искуствата на БиХ посебно кога е во прашање турскиот пазар и настап на еден од таквите пазари е многу позитивен, значаен. Ние со други некои земји направивме трилатерални состаноци. Мислам дека тоа би било корисно и во случај на Македонија и да се обидеме да направиме амбиент со кој, од се ќе има многу поголема корист. Обврска на нас политичарите е да создаваме таков позитивен амбиент да овозможиме полесно функционирање на стопанството на едната и другата земја. Мислам дека постои простор соработката на БиХ и Македонија и во тој економски дел да се зголеми значително", рече Иваниќ и порача дека економскиот развој е клучот за политичката стабилност.
„Без економски развој нема ниту политичка стабилност, а ниту и наш посериозен пат кон Европска унија. За се е претпоставка подобар економскиот развој, повеќе работни места, подобар стандард на луѓето, а за да го имаме сето тоа деловните луѓе мора да имаат јасни ефекти", рече Иваниќ.
Во присуство на Иванов и Иваниќ, беше потпишана Спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.
Претседавачот Иваниќ од вчера престојува во работна посета на Македонија, во рамките на која се состана со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со премиерот Емил Димитриев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на Социјал демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев.