Bekim Laci
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денес го претстави извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
ЗНМ заклучува дека новинарите во Македонија работат во услови на несигурност поради фактот што во 2017 година биле субјект на насилство, биле киднапирани или примале смртни закани, биле прогласувани за предавници, а, како што истакнува ЗНМ, властите не успеале да казнат ниту еден од насилниците.
На прес-конференцијата на која претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги претстави деталите од извештајот, рече дека насилството врз новинарите било вршено по нарачка, со цел да се замолчат од објавувањето на различни злоупотреби во земјата.
ЗНМ, рече Селмани, во текот на 2017 година регистрирал 18 нови напади врз новинарите, од кои 13 биле физички и вербални напади, додека другите биле навреди, попречување на работата, и уништување на нивниот имот, со акцент на крвавиот напад во македонскиот Парламент на 27 април, каде што покрај пратениците страдаа и медиумските работници.
„Насилници физички нападнаа новинари и сниматели и ги спречија да известуваат за овие насилни настани, земајќи или оштетувајќи им ги камерите и мобилните телефони. Под закана со оружје, новинарите со часови беа држени како заложници, додека полицијата не им пружи никаква помош“, рече Селмани, кој ја изрази загриженоста на ЗНМ за неказнувањето на сторителите.
„Јавното обвинителство покрена процедура за овој случај, потврден е идентитетот на сторителите, но за жал тие сè уште не се изведени пред лицето на правдата”, изјави Селмани, додавајќи дека има подобрување во работата на полицијата, која ги идентификува напаѓачите на новинарите. Според него, случаите остануваат блокирани во обвинителството, додавајќи дека не се преземени мерки ниту против јавните повици во 2017 година за линчување на новинарите.
Во извештајот од 2017 година беше констатирано дека паралелно со физичката несигурност, новинарите исто така се соочуваат и со економска несигурност поради ниските плати, кои не се соодветно платени, а исто така немаат ни редовни договори за вработување. Според истражувањето на Независниот синдикат на новинари (НСН), 45 отсто од новинарите имаат пониски плати од просекот на државно ниво, а платите во голема мера се задоцнети.
Селмани истакна дека синдикатот е во сериозни разговори со некои од медиумите во земјата, каде што наскоро се очекува потпишување на колективни договори, со што ќе се подобри социо-економската состојба на новинарите.