Zülfiya Yakup
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Новиот претседател на движењето „Самоопределување“ е Албин Курти, покажуваат прелиминарните резултати на внатрешните партиски избори на кои Курти беше единствен кандидат за претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
По завршеното пребројување на гласовите вчеравечер, Изборната комисија на најголемата опозициска партија на Косово, ги соопшти прелиминарните резултати, според кои за Албин Курти гласале 98,82 отсто гласачи, 0,61 биле против, а воздржани 0,57 отсто, додека 0,26 проценти од гласачките ливчиња беа неважечки.
За победата на Курти беа потребни повеќе од 50 отсто од гласовите на оние што излегоа на гласање. Изборната комисија, исто така, изјави дека излезноста е голема, но не ја кажаа точната бројка.
Претседателот на „Самоопределување“ има тригодишен мандат, а го избираат, со директно гласање, сите членови на партијата. Сите места за гласање низ Косово, како и во центрите на таа партија надвор од Косово, беа отворени вчера од 10 до 19 часот.
До изборот на претседател дојде по оставката на поранешниот претседател, Висар Имери, која ја поднесе поради несогласувањето со политиката на Албин Курти, бидејќи тој всушност и понатаму ја водеше партијата.
Курти беше претседател на „Самоопределување“ во првите два мандата од формирањето на партијата, а потоа за да го задоволи демократскиот процес, го предложи Имери како негов наследник.
На гласањето не излегоа ниту останатите пратеници и активисти што поднесоа оставки на сите позиции во партијата во текот на последните два месеца, меѓу кои и Аида Дергути, Доника Кадај-Бујупи, Фатон Топали, Дукаѓин Горани, Дритон Чауши, Шќипе Пантина, Дардан Молиќај и др.
За проблемите во партијата се дозна по преписката водена меѓу пратениците на оваа партија, којашто стигна до јавноста. Во оваа преписка, пратеничката Аида Дергути го навреди Албин Курти.