ИБУ ја отвори модерната библиотека „IBU HalkBank Library“
„Меѓународниот балкански универзитет е одличен пример каде може да се спојат културите и традициите...“
СКОПЈЕ (АА) – Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје денес ја отвори својата нова библиотека, „IBU HalkBank Library“ (ИБУ Халкбанк библиотеката), современ простор за едукација, финансиран со голема поддршка од Халкбанк Скопје, пренесува Анадолу.
На отворањето присуствуваа министерката за образование и наука на Северна Македонија, Весна Јаневска, претседателот на Управниот одбор на ИБУ, Сулејман Оздил, ректорот на ИБУ, проф. д-р Лутфи Сунар и генералниот директор на Халкбанк Туркије, Осман Арслан, амбасадорот на Република Туркије во Северна Македонија, Фатих Улусој, други претставници од Халкбанк Туркије, генералниот директор на Халкбанк Скопје, Билал Сучубаши, како и претставници на академската фела, политичари, пратеници, претставници на различни организации, медиуми, НВО и бизнис заедницата.
Министерката Јаневска во својот говор го истакна значењето на академските инвестиции во обликувањето на иднината:
„Меѓународниот балкански универзитет е одличен пример каде може да се спојат културите и традициите. Имаме многу заеднички култури и традиции и добро е студентите да ги споделуваат меѓусебно. Иднината не е само за Македонија или Турција, туку иднината на светот е во развивање на силни човечки ресурси или голем човечки капитал.“
Ректорот Сунар го сподели својот ентузијазам за новиот објект, истакнувајќи ја неговата огромна вредност за универзитетот и неговата улога во унапредувањето на академското искуство: „Со збирка од десет илјади печатени книги и сто илјади е-книги, најсовремениот дигитален пристап и разните простории за учење, оваа библиотека ќе биде светилник на знаењето за сите кои влегуваат низ нејзините врати“, истакна тој.
Претседателот на Управниот одбор на ИБУ, Сулејман Оздил, од своја страна ја истакна мисијата на универзитетот како непрофитна фондација посветена на развојот на човечките ресурси и во Северна Македонија и во Туркије. Тој ја истакна посветеноста на ИБУ не само за академски успех, туку и за социјален развој и културна соработка.
Како што беше истакнато од ИБУ, дизајнирана да создаде оптимална средина за учење, оваа библиотека ќе биде клучна за студентите и академската фела.
„ИБУ Халкбанк библиотеката е извонредна академска инвестиција, дизајнирана да ги поттикне креативноста и интелектуалниот развој. Библиотеката ветува да ги подобри образовните ресурси на универзитетот, поддржувајќи динамична заедница на студенти, наставници и истражувачи“, се наведува од ИБУ.
Инаку, библиотеката содржи работни простории за 300 лица, големи колекции на книги и модерни студиски зони, како и посебен дел за академски истражувања.
„Со овој нов чекор, ИБУ презема уште еден чекор кон потврдување на својот статус како водечка институција во регионот, нудејќи им на студентите алатки кои им се потребни за академски и професионален успех“, се порачува од Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ).
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.