Admir Fazlagic
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, преку соопштение го изрази своето задоволство од спроведените парламентарни избори на 11 декември, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да изразам задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори на 11 декември.Пред сè, им честитам на граѓаните, што покажаа одговорност и излегоа во масовен број да го остварат своето право на глас", вели претседателот Иванов.
Наведува дека годинава, кога Македонија одбележува 25 години од зезависноста, граѓаните покажаа демократска зрелост и се потврди капацитетот за спроведување на фер, слободни, мирни и демократски избори. Упати честитки до политичките партии кои учествуваа на изборите, изрази очекување тие да ги поздрават изборните резултати и истакна дека треба да се почитува волјата на граѓаните, да не се создаваат нови кризи.
„Сакам да им честитам на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори - на победниците, и да им честитам на сите партии кои беа вклучени во изборниот процес.Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи", потенцира претседателот Иванов.
Тој истакна дека „ домашните и меѓународните институции потврдија дека Република Македонија спроведе избори кои доликуваат на една европска и демократска држава. Им честитам на сите институции кои одговорно ја завршија својата работа и овозможија регуларност и кредибилитет на изборите."
Меѓу другото, претседателот Иванов рече дека по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието.
„Во согласност со Уставот, законските процедури и временските рокови, по конституирањето на Собранието на Република Македонија, ќе го доделам мандатот на партијата што има мнозинство во Собранието. Потоа, очекувам во најбрзо време да се формира и новата Влада на Република Македонија", вели претседателот Иванов.
Според него, со овие избори „Република Македонија исполни еден од клучните услови на кои се обврзаа лидерите со Пржинскиот договор."
Истакна дека очекува Европската унија (ЕУ) да покаже доследност и принципиелност кон Македонија и повика ЕУ да овозможи напредок на земјата на евроинтеграцискиот пат.
„Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската Унија да покаже доследност и принципиелност кон нас. Ја повикувам Европската Унија да изнајде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат", истакна претседателот Иванов.
Изрази уверување дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза.
„Како што сметав дека Република Македонија има капацитет да ги одржи овие значајни избори онака како што поминаа, верувам дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Република Македонија."