Ekipa
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за здравство, Реџеп Акдаг рече дека соработката меѓу Косово и Турција ќе продолжи. Тој додаде: „Донесовме одлука искуството со трансформацијата на здравствениот систем да го пренесеме во Косово. Поради ова, во следните месеци ќе формираме екипа и ќе работиме заедно“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Акдаг се сретна со својот косовски колега Имет Рахмани, по што одржаа заедничка прес-конференција.
Тој изрази задоволство од посетата на Рахмани и дипломатскиот кор и рече дека меѓу двете држави постои силна солидарност и братство. Акдаг потсети дека Турција го призна Косово на 18. февруари 2008, веднаш по прогласувањето независност на 17 февруари, и посочи оти ова е многу важен чекор во зацврстувањетo на братството меѓу двете држави коешто се темели на историјата.
Тој исто така потсети дека првиот договор меѓу Турција и Косово во сферата на здравството го потпишал лично и истакна дека за Турција е важна косовската стабилност, територијалниот интегритет и развојот на државата.
„Растот на билатералните односи во секоја сфера се резултат на историската и културната поврзаност. Јас лично му давам големо значење на ова во сферата на здравството. Договорот што беше постигнат во 2004, го обновивме и го проширивме на 18. септември 2009 со независно Косово, по што продолживме да чекориме заедно. На овој начин, ги лекуваме косовските пациенти кои доаѓаат под одредени протоколи, а организираме и заеднички образовни работилници заедно со нашите косовски браќа во Турција. Од 2013 наваму, во текот на неделата на здравството, нашите екипи одат во Косово каде што работат заедно со тамошните колеги, им даваат услуги на пациентите, како и помош на колегите од Косово“, изјави Акдаг.
Тој рече дека средбата поминала многу продуктивно. Акдаг соопшти и дека Косово формира ново здравствено осигурување и оти се обидува да го реформира здравствениот систем преку развој на здравствените услуги.
„Донесовме одлука искуството со трансформацијата на здравствениот систем да го пренесеме во Косово. Поради ова, во следните месеци ќе формираме екипа и ќе работиме заедно“, истакна тој.
- Сакаме овие успеси да ги пренесеме во Косово -
Косовскиот министер за здравство Рахмани истакна дека средбите поминале многу успешно и дека посетиле повеќе здравствени установи во Турција.
„Турскиот здравствен систем ни се чини многу успешен и сакаме овие успеси да ги пренесеме и во Косово“, рече тој и додаде дека оваа средба се случува во време на тешки денови за Турција.
Рахмани го изрази своето сочувство за загинатите во нападот што се случи во Истанбул и истакна дека се сигурни оти Турција ќе ги надмине сите овие тешкотии.
Тој исто така изрази благодарност до Турција поради тоа што таа е секогаш на страната на Косово.
„Доколку немавме ваква поддршка, немаше да успееме да направиме чекор напред. Веќе низа години, околу 100 пациенти годишно се лечат во турските установи. Ова се најчесто тешки случаи, кога во Косово немаме можност да им дадеме лекарска помош. Јас сакам да се заблагодарам во името на овие семејства. Многу наши пациенти ја одбираат Турција за лекување. Многу здравствени установи имаат отворено свои претставништва, клиники и болници во Косово. На овој начин ги задоволуваат и потребите од аспект на здравствени услуги. Освен ова, Турција многу ни помогна, особено во делот на обуката и експертизата. Сакам уште еднаш да му се заблагодарам на министерот Акдаг за понатамошната соработка“, истакна Рахмани.
Тој додаде дека е радосен поради фактот што наскоро ќе му биде домаќин на турскиот колега Акдаг, за време на неделата на здравството што ќе се организира во Косово.