Furkan Abdula
20 Април 2023•Ажурирај: 23 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, упати честитка по повод муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, пренесува Анадолу.
„Денеска се разделуваме од благословениот месец Рамазан. Се разделуваме со овој бериќетен месец со длабоко уверување дека со најголема посветеност го извршивме постот во неговите денови, што е една од основните обврски на исламот. Во текот на овој месец жртвувавме многу работи, во знак на почит и обожавање кон нашиот Создател, го зацврстивме нашиот однос со Бога со единствена цел да бидеме во согласност со зборовите на Семилосниот Аллах кога вели: '...за да бидете богобојазливи'“, истакна Фетаху во својата порака.
Тој нагласи дека во овие празнични денови раката на милосрдието се протега насекаде, бидејќи, како што рече, овој празник сее радост и среќа во семејствата и срцата на луѓето, и ја зајакнува човечката љубов.
„Но, во овие среќни денови Рамазанската школа нè научи да не ги заборавиме нашите луѓе кои имаат потреба: сиромашните, сираците, инвалидите, но и нашите исламски институции. Затоа, на крајот на Рамазан, давањето на Садакатул Фитр ни стана обврска, како што Божјиот Пратеник ни покажа дека со давање на Садакатул Фитр го прочистуваме нашиот пост од прекумерни зборови“, нагласи тој.
Фетаху рече дека Фитр Бајрам е прослава на доброто наспроти злото, духовното наспроти страстите, моралното наспроти неморалното, трпението наспроти нетрпеливоста, божественото наспроти сатанското.
„Ова е вистинскиот пат и тоа е подигање на свеста на верникот за во вистински момент да биде подготвен да одговори на предизвиците и ситуациите кои ги носи времето во кое живее. Бидете подготвени да го спроведете однесувањето на благосостојбата, да се цените себеси во однос на другите, да му посакувате на другиот она што го посакувате за себе“, додаде Фетаху.
„Во овие денови на радоста на Фитер Бајрам, со чисти срца се обраќаме кон Семилосниот Аллах, да ни даде сила на верување, можност да се одвратиме од гревовите, храброст да простиме и да се помириме, да се насмееме со другите, да негуваме сегашна и уште посветла иднина, да создадеме подобри можности и услови во нашето општество за да го запреме трендот на економски миграции. Го молиме Семоќниот Аллах да им даде радост и надеж на срцата на сиромашните, луѓето со физички и духовни проблеми, за денес и секогаш во животот да бидеме среќни и радосни, а пред сè - благодарни на Големиот Бог за неговите добрини што ни ги дал. Каде и да сте, дозволете ми во име на Исламската верска заедница, нејзините органи, верско-образовни институции и во мое лично име да ви ги изразам нашите најсрдечни честитки, молејќи се на Семоќниот Аллах да ги прифати со Неговата милост сите наши молитви, нашиот пост, сите наши дела направени во месец Рамазан. Бајрам мубарек олсун“, додаде Фетаху во својата бајрамска честитка.