Abdula Berisha
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
СКОПЈЕ
Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА) во Скопје организира Меѓународен семинар на балканологија на тема „Сликата на другиот во балканската култура“, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченото отворање на дводневниот семинар присустуваа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за култура, Хисни Исмаили, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, директорот на Институтот за албанологија во Приштина, Хисен Матоши, претставници на другите научни институти од земјата, академици и други истражувачи.
Премиерот Зоран Заев во својот говор рече дека науката е еден од мостовите што можат да ги зближат народите. Тој го поздрави семинарот и рече дека на него ќе се дискутира на тема што има позитивен и обединувачки наратив.
„Науката е еден од мостовите кој може да нè поврзе заедно сите, овде, во нашата држава, каде успешно го градиме концептот на мултикултурализмот, но и надвор, со останатите народи и култури, што навистина е вредност како нишка на регионална и мултилатерална соработка“, рече Заев.

Министерот за култура, Хисни Исмаили, изрази задоволство што во рамките на годишната програма на Министерството за култура се овозможија и вакви активности, кои тој ги опиша како посебни, додавајќи дека работата на оваа научна активност ќе остане трајна сопственост на научните знаења.
„Овој семинар има за цел да се фокусира токму на „папокот на Балканот“, она што професорот Венко Андоновски го нарекува „папокот на светот“. И јас сум среќен што овој папок може да биде Скопје. Можеби е нескромно, но ние не треба да се срамиме да кажеме дека од балканските метрополи, можеби Скопје е најзаслужно за овој епитет“, рече Исмаили.
Министерот за образование, Арбер Адеми, во својот говор рече дека честопати предрасудите кај балканските народи предизвикуваат тензии, конфликти и жестоки војни, додавајќи дека научните дебати би можеле да придонесат за намалување на стереотипите.
„Затоа, верувам дека научната дебата од овие два дена во рамките на оваа меѓународна научна конференција ќе придонесе да се елиминираат стереотипите за другиот, ќе придонесе да се елиминираат предрасудите, ќе придонесе за намалување на непотребните празнини“, рече Адеми.
Директорот на ИДКНА, Скендер Асани, рече дека ова е второ издание на оваа научна активност и дека Семинарот на балканологија станува традиција, придонесувајќи во комуникацијата меѓу народите.
„Живеејќи во мултиетничко и мултирелигиозно општество, како и работејќи во мултиетничката метропола на Балканот, ние сакаме да бидеме предводници на оваа комуникација. Иако може да е утопично, ние сакаме да веруваме дека сепак Балканот не е само географија позната по конфликтите, туку е и лулка во која се лула западната цивилизација“, рече Асани.
Членот на Советот на ИДКНА, Зеќирија Ибрахими, зборуваше за првата збирка од компилацијата „Балканологија“, за којашто рече дека е збирка на минатогодишните трудови, додавајќи дека содржи текстови од областа на книжевноста, лингвистиката, историјата и етнокултурата.
„За да можам да ви дадам некаква општа идеја за каков научен труд станува збор, можам да ви кажам дека во делот за литература ги имаме имињата на добропознатите научници за литература, како академик (Реџеп) Ќосја, Агим Винца, Јордан Плевнеш, Флореша Дадо, професор Хусен Матоши“, рече Ибрахим.
Претставниците на ИДКНА им се заблагодарија на државните институции за укажаната поддршка. Дел од поддршката е и реновирање на објектот на ИДКНА и салата што беше инаугурирана со денешниот семинар, што ќе го носи името на поранешниот американски претседател Вудроу Вилсон.