Fatjon Cuka
30 Јануари 2026•Ажурирај: 02 Февруари 2026
ТИРАНА (AA) – Постојаниот известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Албанија, Андреас Шидер, изјави дека Тирана се наоѓа во клучна фаза од процесот на членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
Шидер одржа прес-конференција во Тирана по неговите средби со високи албански претставници во рамки на посетата на земјата, при што нагласи дека доколку оценката на Европската комисија помине добро напролет, Албанија ќе започне со затворање на поглавјата.
„Во моментов Албанија се наоѓа во клучна фаза од процесот на пристапување кон ЕУ. Јас го поздравив силниот политички ангажман на Албанија за членство во ЕУ, кој е клучен за напредокот на земјата и исто така ја одразува поддршката на албанските граѓани за европската интеграција и вредностите што ги нуди ЕУ“, изјави тој.
Шидер истакна дека целосно ја поддржуваат работата на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК), кое, според него, треба да донесе култура на интегритет и доверба на граѓаните во јавните институции.
„Сепак, пред нас остануваат уште неколку клучни чекори и мора да бидеме јасни за тоа. Албанија треба да ја зајакне борбата против корупцијата, да ја декриминализира клеветата и да обезбеди транспарентност на сопственоста и финансирањето на медиумите, меѓу другото. Кога законите се усвојуваат, тогаш започнува вистинската работа“, рече тој.
Додаде дека сметаат оти е дојдено време политичката култура во Албанија да направи чекор напред, „да не се драматизира сè, да не се започнува со Молотови коктели и слично“, туку, според него, политичката борба да се води со силни аргументи таму каде што треба.
„Како што знаеме, над 90 проценти од албанските граѓани сакаат европска интеграција. Албанија има остварено значителен напредок во преговорите и доколку оценката на Европската комисија помине добро напролет, Албанија ќе започне со затворање на поглавјата“, изјави Шидер.
Постојаниот известувач на ЕП за Албанија, Андреас Шидер, ја посети Албанија во рамки на неговата годишна мисија за собирање факти, при што се сретна и со високи државни претставници.