Shpetim Hiseni
02 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
СКОПЈЕ (АА) – Одбраната на некои од обвинетите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денес побара Јавното обвинителство да го преиспита обвинението, опишувајќи го неговото дејствие како контрадикторно по одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го запре кривичното гонење на седум полициски службеници, јавува Анадолу.
На денешната судска седница за случајот, адвокатите нагласија дека станува збор за ист кривично-правен настан и исти правни квалификации, но со различен третман за различни лица, доведувајќи ја во прашање законската основа за гонење на сегашните обвинети и барајќи прекин на постапката.
Судот потврди дека е запознаен со одлуката на Обвинителството за организиран криминал и корупција, но нагласи дека судењето не може да се прекине додека надлежното Обвинителство не се изјасни.
Од своја страна, Обвинителството објави дека сегашното обвинение е одобрено, појаснувајќи дека одлуките за полициските службеници сè уште не се конечни и не се дел од овој судски случај.
Инаку, Обвинителството објави дека ја запрело кривичната постапка против седум полицајци во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, оценувајќи дека нивните дејствија не биле директно поврзани со трагедијата. Според Обвинителството, полицајците имале овластувања само да го контролираат јавниот ред и безбедноста во сообраќајот, а не да вршат надзор над противпожарната или техничката состојба на објектот, па затоа не можат да бидат кривично одговорни за смртоносните последици од пожарот.
Судскиот процес во случајот се наоѓа во доказна постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март 2025 година за време на вечерна забава, загинаа 63 лица и над 200 се повредени, додека истрагата откри сериозни прекршувања на безбедносните прописи, нелегална употреба на пиротехнички средства и нелегално работење на објектот.