Gorana Jakovljevic
09 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
САРАЕВО
Ја поздравувам пресудата на Механизмот за меѓународни кривични судови со која воениот злосторник Ратко Младиќ правосилно е осуден на доживотна казна затвор, и покрај фактот дека во таа пресуда не се земени предвид злосторствата во Фоча, Котор Варош, Приједор, Сански Мост, Кључ и Власеница, и не се означени како геноцид, иако ги имаат сите елементи, наведе претседавачот со Домот на народи на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Младиќ носи голема одговорност за геноцидот и другите стравични злосторства во текот на агресијата на Босна и Херцеговина, но стотици од оние што ги окрвавија своите раце сѐ уште живеат слободно на територијата на нашата земја или уживаат протекција во соседните држави. Крајно е време Обвинителството на БиХ да престане со обидите за вештачко изедначување на одговорноста, и треба да започне со процесуирање на сите оние за кои постои основано сомневање дека вршеле злосторства во Сараево, Сребреница, Приједор, Фоча, Зворник и на десетици други места во БиХ во кои поради големодржавните проекти било протерано, злоупотребувано и убивано цивилното население“, истакна Изетбеговиќ.
Тој додаде дека оваа пресуда „треба да му помогне и на српскиот народ да го тргне бремето што му го наметнуваат оние што во нивно име ги одликуваат воените злосторници, ги слават и ги негираат нивните злосторства.
„Прифаќањето на вистината е единствен вистински пат за успешна иднина на сите нас на овие простори“, смета Бакир Изетбеговиќ.
Ратко Младиќ вчера беше правосилно осуден на доживотна казна затвор поради геноцид и други злосторства извршени во Босна и Херцеговина. Со второстепената пресуда, Младиќ не е прогласен за виновен за геноцидот извршен во Фоча, Власеница, Кључ, Сански Мост, Котор Варош и Приједор.