Zlatan Kapiç
08 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
САРАЕВО (AA) - Претседателот на Партијата на демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ вечерва прогласи победа на Шефик Џаферовиќ, кандидат на оваа партија за бошњачки член на Претседателство на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Завршени се возбудливи избори, народот го кажа своето. СДА има брилијантна победа, особено господин Џаферовиќ, кому му честитам. Мислам дека победи во сите изборни единици, освен во Тузланскиот кантон", рече Изетбеговиќ откако според податоците на СДА, се преброени речиси 700.000 гласови, од кои Џаферовиќ освои речиси 180.000 гласови или 40 отсто.
Изетбеговиќ му честиташе на Рамиз Салкиќ, кој победи за потпретседател во Република Српска.
„СДА е дефинитивно најсилната партија во БиХ. Како што реков, некои кои изговараа тешки зборови во оваа кампања, завршија таму каде им е местото, на пети, шести, седми места и слично", порача Изетбеговиќ.
Шефик Џаферовиќ им се заблагодари на сите граѓани на БиХ што денес на 5.700 гласачки места, без посериозни инциденти, го искажаа демократскиот капацитет.
„БиХ денес го потврди својот демократски капацитет. СДА ја задржа позицијата на лидерска политичка партија и јас, според сегашните резултати сум во водство и победив за член на Претседателство од редот на бошњачкиот народ", порача Џаферовиќ.
Тој истакна дека на БиХ и е потребна стабилност, економски реформи и интеграција, порачувајќи дека ќе бара тоа да биде фокус на делување на новиот состав на Претседателството на БиХ. Како што рече, ќе испрати порака дека сака да ја стабилизираат политичката сцена.
Според податоците на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, до 19 часот гласале вкупно 1.736.838 или 53,36 отсто од гласачите.