Vesna Besiç
07 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
САРАЕВО (АА) - Во 19 часот се затворија најголем дел од гласачките места во Босна и Херцеговина каде што во текот на денот се одржаа осмите општи избори во БиХ по Дејтонскиот мировен договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Право на глас на изборите имаа вкупно 3.352.933 гласачи во Босна и Херцеговина, меѓу кои 2.092.933 гласачи во Федерацијата БиХ (ФБиХ) и 1.260.597 во Република Српска (РС).
Според податоците на Централната изборна комисија на БиХ, до 15 часот на општите избори во Босна и Херцеговина гласале 37,21 проценти од гласачите, што е за 0,6 отсто повеќе од истиот период на општите избори пред четири години.
Како што истакна Бранко Петриќ, претседател на ЦИК на БиХ, излезноста во ентитетот ФБиХ изнесувала 34,65 отсто, во РС 41,81 отсто, а во дистриктот Брчко 32,26 отсто. Прелиминарните податоци ќе бидат објавени на полноќ.
Тој најави дека ЦИК на БиХ ќе спроведе постапки против претседателите и членовите на изборните комисии кои не се појавиле на гласачките места и со тоа го загрозиле отворањето на гласачките места точно во седум часот.
Изборите беа спроведени за членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, од кои двајца, од бошњачкиот и хрватскиот народ, се избираат од ФБиХ, и еден од српскиот народ од ентитетот РС.
На листата за бошњачкиот член на Претседелството имаше шест кандидати, за хрватски член на Претседателството на БиХ пет члена, и четири члена од српскиот народ.
Се бираа и 42 пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина и тоа 28 од пет изборни единици во Федерацијата БиХ, и 14 од три изборни единици во РС.
Во Федерацијата БиХ се бираа 98 пратеници во Претставничкиот дом на Прламентот на ФБиХ од 12 изборни единици.