Furkan Abdula
09 Февруари 2023•Ажурирај: 12 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Дополнителен армиски состав од 36 припадници од Баталјонот за специјални сили при Армијата на Северна Македонија обучени за спасување и пребарување во урнатини, денеска во претпладневните часови од Касарната „Илинден“ во Скопје замина во Туркије, каде што ќе учествува во хуманитарната операција во областите кои се најмногу погодени од катастрофалните земјотреси, пренесува Анадолу.
Информацијата преку соопштение ја потврди Генералштабот на Армијата на Северна Македонија.
На припадниците на дополнителниот тим од Армијата, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, им беше порачано најпрофесионално да го вложат севкупниот свој потенцијал и обученост и да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије.
Армискиот тим се упатува по донесената одлука на Владата за испраќање дополнителна помош, а на предлог на Министерството за одбрана.
Во меѓувреме армискиот тим, кој се наоѓа во градот Кахраманмараш, непрекинато е ангажиран во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните, кои се наоѓаат во урнатините од катастрофалните земјотреси.