Abdula Berisha
09 Февруари 2023•Ажурирај: 10 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја посети Амбасадата на Туркије во Скопје, каде што се потпиша и во книгата на жалост, пренесува Анадолу.
„Не постојат зборови кои ќе им ја надоместат празнината на оние кои ги изгубија своите најблиски, но верувам дека постојат дела со кои може барем делумно да се ублажат последиците од оваа огромна трагедија“, напиша министерот Османи на социјалните мрежи, споделувајќи дел од неговата порака во книгата на жалост.
„Моето најдлабоко сочувство до семејствата на настраданите и до целиот пријателски турски народ за последиците од големата природна катастрофа која ја погоди земјата. Остануваме сплотени во напорите за укажување секаков вид помош и поддршка на пријателска Република Туркије“, напиша Османи.
Најмалку 12.873 луѓе загинаа, а 62.937 се повредени по двата силни земјотреси што во понеделникот го потресоа југот на Туркије.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени со епицентар во подрачјето на Кахраманмараш, погодија 10 околни области и над 13 милиони луѓе.