Senita Sehercehajic
04 Октомври 2024•Ажурирај: 04 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), Борјана Кришто, ги покани членовите на Советот на министри на Босна и Херцеговина за подготовка на итна вонредна седница за помош на погодените од поплавите и санација на последиците, јавува Анадолу.
„Советот на министри на БиХ ќе ги активира сите расположливи механизми, вклучително и оперативниот центар на ЕУ“, објави Советот на министри на БиХ.
Кришто ги повика земјите од ЕУ и регионот да ѝ пружат итна помош на Босна и Херцеговина, се вели во соопштението на Советот на министри на Босна и Херцеговина.
Таа изрази сочувство до семејствата на загинатите во катастрофалните поплави што погодија делови од Босна и Херцеговина, како и солидарност со сите погодени подрачја.
„Според информациите кои доаѓаат од надлежните органи од сите нивоа на власта, најпогодена е Јабланица, која е отсечена за сообраќај, заедно со делови од Коњиц, како и подрачјето на централна Босна, каде Кисељак, Крешево и Фојница се најпогодени“, се наведува и се додава:
„Претседателката Кришто упати најдлабоко сочувство до семејствата и роднините на жртвите и ја истакна помошта на Советот на министри на Босна и Херцеговина за оние кои се директно материјално погодени или сѐ уште се загрозени на кој било начин.“
Таа им се заблагодари на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, и на Владата на Република Хрватска, кои утрово веќе ја понудија својата помош, како и на специјалниот претставник на ЕУ, Луиџи Сорека, кој исто така ги стави на располагање капацитетите на Канцеларијата на ЕУ во Сараево за да може што поскоро да се доведе кризната ситуација во нормални рамки, како и до другите институции на ЕУ и меѓународните пријатели кои изразија желба да помогнат.