Emre Baştuğ
25 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
САРАЕВО (АА) - Портпаролот на кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, изјави дека односите меѓу исламот и Западот датираат далеку во минатото и дека денес се под големо влијание на искривените погледи кон исламот, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин, кој престојува во официјална посета на Сараево, одржа предавање на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево, и говореше за односите меѓу исламот и Западот во 21. век.
Потсетувајќи дека многу лица на Западот го обвинуваат исламот за дискриминација на жените, Калин повика на враќање на оригиналните извори на исламот и додаде дека Куранот за жената зборува многу поразлично од она што критичарите го припишуваат на исламот.
Исто така, Калин истакна дека искривените погледи кон исламот произвеле и стереотипи преку кои и денес се гледаат исламот и муслиманите на Западот.
Укажувајќи дека холивудската продукција постојано го поврзува исламот со насилство и надоврешна нерамноправност, Калин изјави дека токму така се креираат искривените погледи и сфаќања за исламот и за муслиманите.
„Муслиманите на јужниот дел на Европа дојдоа и останаа таму 700 години, што е двојно повеќе од постоењето на САД“, изјави Калин.
Истакнувајќи дека многумина на Западот зборуваат дека ниту босанските муслимани не ѝ припаѓаат на Европа, Калин рече дека тој круг треба да се потсети на европската историја и да сфати дека босанските муслимани се дел од европскиот континент.
„Кога ќе ги погледнеме академските истражувања кои на Западот се спроведени за Османлиите, гледаме дека 90 отсто од тие трудови се однесуваат на воените и политичките сегменти на таа историска епоха. Османлиската уметност, култура, образование, воспитание, наука и технологија ретко се тема на истражување“, изјави Калин.
Калин изјави дека Западот често со предрасуди ги омаловажува муслиманите и ги смета за интелектуално инфериорни и неспособни да произведуваат, и ги обвинува дека ја крадат христијанската или нечија друга уметност и култура.
„Муслиманските земји не се најбогати на светот, немаат ни најсилни војски на светот, не произведуваат оружје за масовно уништување. Мислам дека само една муслиманска земја има атомска бомба. Муслиманските земји немаат ниту најразвиени воени технологии, но на некој начин муслиманите секојдневно се претставуваат како најголема закана“, изјави Калин.
Истакнувајќи дека најголемите закани за мирот во светот всушност доаѓаат од Западот, Калин изјави дека Западот има најсилни војски, атомски бомби и ја контролира светската економија.
„Бог создал богатство на различности во светот. Имаме различни бои, раси, етнички групи, култури, идеи и погледи. Непотребните војни во светот би можеле да ги спречиме ако пронајдеме баланс меѓу единството и различноста во општеството“, изјави Калин.
Тој го истакна заклучокот дека исламот и Западот не мора секогаш да бидат во судир, туку дека Андалузија е пример оти соживотот е можен и дека има многу работи што едни од други можеме да ги научиме.