Husamedin Gina
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна Владата на денешната седница донела одлука за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0 проценти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Ковачевски одржа онлајн прес-конференција, на која се осврна на пакетот економски мерки за ублажување на последиците од глобалната криза.
На прес-конференцијата присутни беа и Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
Истакнувајќи дека ова е најголемата глобална криза по Втората светска војна, премиерот Ковачевски истакна дека предизвиците се огромни, и дека глобалната економска криза се почувствува и во Северна Македонија.
„Дисбалансот на цените на основните прехранбени продукти и енергенсите нѐ засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри политики и мерки ќе ја премостиме“, нагласи премиерот Ковачевски.
Истакнувајќи дека на денешната седница на Владата се усвоени пакет од вкупно 26 мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите, Ковачевски рече дека се намалува повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0 проценти, а тоа се леб, шеќер, брашно тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.
Ковачевски, посочувајќи дека ги замрзнуваат маржите на основните производи за исхрана, рече дека се предвидуваат и ваучери од 1.000 денари месечно за период од три месеци за околу 35.000 граѓани од најранливите категории.
Премиерот наведе дека ги субвенционираат пензионерите, за што рече дека субвенциите за пензионерите се во вредност од 1.000 денари за три месеци кои би се користеле за купување на основните производи.
Меѓу другото, Ковачевски упати апел до сите институции, домаќинства и стопанството за грижливо и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, додавајќи дека сите треба да сме свесни за сериозноста на ситуацијата.
„Она што е важно да го знаат граѓаните е дека буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сиве овие обврски во однос на програмите за финансиска поддршка на граѓаните и стопанството“, нагласи Ковачевски.
Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање, додаде дека одговорност на сите политички партии е да го поддржат овој пакет економски мерки, кој тежи 400 милиони евра.