Furkan Abdula
18 Февруари 2022•Ажурирај: 19 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на Минхенската безбедносна конференција, пред почетокот на официјалната програма се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на средбата, на која присуствувал и вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, двајцата претседатели на влади изразиле задоволство од позитивните и конструктивни билатерални односи меѓу двете земји.
„Премиерите истакнаа дека соработката се остварува со негување на пријателството и блискоста меѓу двете земји и со фокус на остварување на интересите на граѓаните во двете земји, што беше потврдено и со одржувањето на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово минатата година во септември“, се вели во соопштението.
На средбата бил изразен заеднички интерес за евалуација на постигнатите резултати по првата заедничка седница на владите со цел утврдување на следните повисоки цели во унапредувањето на соработката.
„Една од идните цели во олеснување на конекциите меѓу двете држави се очекува да биде конкретизирањето на интересот за отворање „Уан стоп шоп“ (One Stop Shop), брз начин на преминување на границата меѓу Северна Македонија и Косово. На полето на брзото поврзување, премиерот Ковачевски го информира премиерот Курти и за напредокот на реализацијата на автопатскиот правец Скопје ‒ Блаце“, се додава во соопштението.
Ковачевски истакнал дека економската соработка е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи поради фактот што Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија како една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена.
Се наведува дека Ковачевски и Курти се согласиле дека за двете земји следува период на интензивирање на соработката на полето на енергетиката.
Премиерот Ковачевски, исто така, нагласил дека Северна Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и дека се отворени за придонес во таа насока со пренесување искуства во сите области за кои Косово ќе искаже интерес.
„Во однос на регионалните прашања, на средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина ‒ Белград во насока на постигнување конечен, заемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост“, се наведува во владиното соопштение.