Furkan Abdula
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше билатерална средба со министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо, кој е во дводневна официјална посета на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на средбата Ковачевски и Кравињо уште еднаш ја потврдиле успешната билатерална соработка помеѓу Северна Македонија и Португалија.
Во соопштението се вели дека Ковачевски и Кравињо разговарале и за можностите за интензивирање и унапредување на економската билатерална и мултилатерална соработка, во контекст на постојната економска и енергетска криза со која се соочува светот.
„Министерот за надворешни работи на Португалија изрази искрени честитки за отворањето на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ посочувајќи дека за оваа одлука беа потребни и политичка и државничка храброст“, се вели во соопштението.
Како што се наведува во владиното соопштение, Кравињо го информирал Ковачевски дека Португалија е подготвена да обезбеди и политичка и техничка поддршка во континуитет во текот на целиот евроинтеграциски процес.
Се истакнува дека на средбата со португалскиот министер за надворешни работи присуствувала и вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.