Fatih Erel
20 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Рекордните температури во делови од Европа можеби придонесоа за смртоносниот шумски пожар во Португалија и предизвикаа топлотен бран што моментално владее во делови од Франција, предупредија научниците на Светската метеоролошка организација (СМО), пренесува Anadolu Agency (AA).
Научникот Омар Бадур од СМО изјави дека и другите региони во светот се соочиле со високи температури.
„Делови од Европа, Блискиот Исток, северна Африка и САД се соочија со рекордни температури во мај и во јуни“, изјави Бадур.
Тој предупреди на топлотни бранови и високи температури во европските земји, и истакна дека е издадено второ најголемо предупредување за топлотен бран во Португалија и во Франција, каде што се очекуваат исклучително високи температури до петок.
„Исклучително високите температури од приближно 40 степени Целзиусови сериозно придонесоа за пожарот во Португалија, којшто однесе десетици животи“, нагласи Бадур.
Во шумскиот пожар во португалското подрачје Педроган Гранде загинаа 61 лице. Повеќе од 1.500 пожарникари се бореа со огнот што брзо се ширеше поради високите температури и силниот ветар.
Бадур изјави дека пет општини во Португалија се под најголем ризик од пожар, а 58 се со многу висок ризик.