Конститутивната седница на косовското Собрание прекината по осми пат
Членовите на деветтиот состав на Законодавниот дом, кои положија заклетва на 19 април, не го поддржаа предлогот на Движењето Самоопределување за избор на претседател на Собранието на Косово

ПРИШТИНА (АА) – Косовското Собрание, осми пат по ред, не успеа да избере претседател, јавува Анадолу.
Членовите на деветтиот состав на Законодавниот дом, кои положија заклетва на 19 април, не го поддржаа предлогот на Движењето Самоопределување за избор на претседател на Собранието на Косово.
Пратеникот на Движењето Самоопределување, Глаук Коњуфца, повторно ја предложи кандидатката Албулена Хаџиу за претседател на косовското Собрание.
Од 110 присутни пратеници во салата, 54 пратеници гласаа за Хаџиу за претседател, 44 гласаа против, а 3 беа воздржани.
„Врз основа на ова, принудени сме да ја прекинеме седницата, се гледаме в четврток, на 1 мај, во 10:00 часот“, рече претседавачот со седницата, Авни Дехари.
Опозициските партии го повторија својот став дека Движењето Самоопределување ја држи државата Косово како заложник со тоа што не го менува својот кандидат за претседател на Собранието.
Лидерот на втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека Движењето Самоопределување се однесува исто осми пат по ред.
„Прво, демократијата функционира со мнозинство. Второ, институциите им припаѓаат на народот. И, трето, времето на еднопартиското владеење и монизмот е завршено. Колку побрзо Движењето Самоопределување ги разбере овие три работи, толку подобро за земјата“, рече Красниќи.
Од потребните минимум 61 глас, Албулена Хаџиу досега доби не повеќе од 57 гласа за претседателка на косовското Собрание, од кои 48 се од Движењето Самоопределување и 9 од пратениците од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.