Zylfije Adem Jakupi
09 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
ПРИШТИНА
Девет семејства со околу 70 членови се евакуирани синоќа од населбата „Шоте Галица“ во Брекоч во Ѓаковица, бидејќи нивните куќи се сметаат за загрозени од поплавите поради непрекинатите снежни врнежи и врнежите од дожд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Членовите на општинската комисија, што ја формираше градоначалникот на Ѓаковица, Ардиан Џини, кои во текот на целиот вчерашен ден беа на терен, се погрижија за проценката на ситуацијата и овозможија евакуација“, соопштено е од Општина Ѓаковица.
Според проценките од комисијата, околу 70 евакуирани жители од синоќа се привремено сместени во просториите на аеродромот „Ѓаковица“, место што ги исполнува сите услови за нормален живот.
Општина Ѓаковица се погрижи за нивниот превоз, сместување, храна и останатата неопходна опрема, а поддршка им пружија и припадниците на Косовските безбедносни сили, кои исто така придонесоа за сместувањето на овие семејства.
За денес е планирана и рутинска здравствена посета на екипа од Семејниот центар за медицина на Општина Ѓаковица.
Општинските тимови на сите нивоа и понатаму се во приправност и подготвени се за секоја можна интервенција во случај ситуацијата да се влоши.
Претходно, косовскиот премиер на должност, Авдулах Хоти, реагираше во врска со поплавите во неколку општини до кои дојде поради обемните дождови и снежните врнежи. Хоти на својот фејсбук-профил напиша дека во зависност од ситуацијата, можеби ќе биде потребно ангажирање на Министерството за одбрана и Косовските безбедносни сили.
Од Хидрометеролошкиот институт на Косово е соопштено дека дождот што непрекинато паѓаше повеќе од 48 часа на целата територија на Косово, предизвикал поплави во некои општини.
Најтешка е ситуацијата во општините Ѓаковица, Дечани, Ораховац, Малишево, Сува Река и Пеќ.