Ivana Ramadanova
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Десетици граѓани и денеска мирно протестираа пред Собранието против, како што кажаа, антимакедонската политика на новата влада, донесувањето на Законот за јазиците и против влезот на Македонија во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, пред неколку дена е започнато собирање на потписи за петицијата со која се спротивставуваат на последните политики на владата.
Од здружението граѓани „Преродба“, се вели дека досега речиси 530 луѓе се потпишале на петицијата против двојазичноста и против промената на името, на протестот што се случува пред Собранието.
„Петицијата која ја потпишуваат граѓаните е за да се престане со секакво преговарање за македонските прашања, менувања, редефинирање и да кажеме дека не ги признаваме последните избори, дека тие се невалидни. Петицијата оди онлајн и на интернет, и ќе биде доставена до Јавното обвнинителство, до Претседателот на Р. Македонија и до сите други институции каде што ќе биде потребно“, велат од здружението „Преродба“.
Организатори на протестот се Македонски обединети сили (МОС), Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“ заедно со уште неколку здруженија кои сметаат дека со двојазичноста се губи македонскиот карактер на државата и самата држава.
По завршувањето на протестот, кој беше обезбедуван од одреден број полицајци, граѓаните мирно се разотидоа.