Zülfiya Yakup
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ПЕЌ (АА) - Во наредните шест месеци нема да има тарифни и нетарифни бариери меѓу Косово и Албанија, договорено е на денешниот заеднички состанок на владите на двете земји. Двете влади денеска потпишаа девет договори за меѓусебна соработка во разни области, од царината, преку здравството и економијата до соработка на младите, јавува Anadolu Agency (AA).
Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по седницата на владите на двете земји, рече дека на граничните премини ќе биде доволен документ само на едната страна за трговско-економска соработка. Тој оцени дека станува збор за голем и одличен чекор.
„Кој ја набљудува соработката на Косово и Албанија со очи од минатото, повикан е да набљудува со очи на иднината. Иднината е дека нема тарифни и нетарифни бариери и тука доаѓа моментот кој предизвика многу дебати и кој е поврзан со воведувањето на 100 отсто тарифи за Србија од страна на Владата на Косово, која не е економска работилница, туку јасна политичка реакција и повик до Србија да се спушти на нозе и да сфати дека патот кон иднината не се гради со нож во грбот на Албанците“, рече Рама.
Тој потсети на последното спречување на Косово да се зачлени во Интерпол, како целосно неприфатливо.
Албанскиот премиер нагласи дека Косово од 1 јануари 2019 година ќе има своја транзитна точка во пристаништето во Драч, дека ќе биде укинат роамингот меѓу двете земји, и дека на граничниот премин „Морина“ ќе има заедничка контрола, со цел да се обезбеди слободата на движење.
Рама нагласи дека косовските Албанци и понатаму се заложници на ЕУ и дека постојано се одложува одлуката за визната либерализација, иако главниот баран услов, ратификација на демаркацијата на границата со Црна Гора, е исполнет, додека од друга страна Србија е во преговори за членство, иако не го признала Косово.
„Србија не може да има едно лице за Албанија, а едно друго за Косово. Тоа е неприфатливо. Неприфатливо е Србија да попречува секој вид на стока од Косово да влезе во Србија, а продолжува со уфрлање стоки во Косово со документи Косово и Метохија. Метохија нека ја задржат за себе, ова е Република Косово, и тоа веќе не се преговара и не се дискутира“, рече Рама.
Тој нагласи дека Албанија сака Србите и Албанците да одат по заеднички пат кон иднината, но дека соработката со Србија мора да биде реципрочна.
Рама порача дека иако тарифата од 100 отсто на увозот на стока од Србија е ирационална, Албанија таа мерка ја поддржува 100 отсто.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со идејата за можна корекција на границата меѓу Косово и Србија, Рама рече дека од почетокот е на ставот дека ништо не е исклучено во однос дека Албанците веќе не може да бидат одвоени, и дека мора да бидат заедно во смисла на две држави без граници.
Според него, потребна е стратегија за иднината на Косово, со цел Албанците да бидат заедно, и Косово и Албанија да се едно во секој поглед и од секој аспект.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, пак, го повтори својот став против поделбата на Косово.
„Кој мисли да земе земја од Косово греши, било да е од Косово или од Албанија, кој било, ниту еден метар од Косово повеќе нема да се земе. Дали е тоа Рамуш, Еди или Хашим Тачи или кој било друг, многу греши. Тоа е албанска земја на која е пролиена крв, 17 февруари повеќе не се чепка“, рече Харадинај.
Тој додаде дека Косово во овие граници е признато и од Албанија и од САД, и дека нема потреба за тоа понатаму да се говори.
Харадинај денешните договори ги оцени како многу важни и истовремено побара од Рама да се заврши националниот автопат, ако од косовските граѓани се бара да плаќаат такса од 5 евра.