Dzihat Aliju
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ГОСТИВАР (АА) – Гостивар и Килис, град во југоисточниот дел на Турција што се граничи со Сирија, потпишаа протокол за збратимени градови, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата од Килис предводена од градоначалникот Хасан Кара, која престојува во посета на Гостивар, денес оствари средба со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
На средбата беа оценети односите помеѓу двата града и беше потпишан протоколот за збратимување помеѓу Гостивар и Килис.
На прес-конференцијата одржана по средбата градоначалникот на Килис, Кара, истакна дека е горд од тоа што се наоѓа во Гостивар и дека двата града имаат многу заеднички особини.
„Најзначајна карактеристака, како што мене ми е познато, името Гостивар значи убаво пречекување на гостите и место каде што гостите убаво живеат. Килис моментално е град со најмногу гости на светот. Ние тоа го викаме и град на надежта и мирот“, изјави Кара.
Тој, исто така, нагласи дека поради војната во Сирија, стотици илјади луѓе се засолнети во Килис, и 60 отсто од населението на Килис го сочинуваат, како што вели тој, „браќата“ Сиријци. Според него, и во Гостивар многуте етнички заедници живеат заедно како браќа.
Кара упатувајќи повик до Обединетите нации (ОН) рече:
„Ако ОН е организација која е формирана за светот да е помирен, побезбеден и подобар, нека дојде како пример да го земе Гостивар и Килис. Така ќе помогне светот да биде подобро место за живеење. Но, ако нивната цел не е тоа, ако има различни цели, веднаш како пример нека ја земе братската кавга во Сирија и нека светот биде непогодно место за живеење.“
Кара напомена дека слично на Гостивар и Килис треба да се изгради, да заживее и да претставува пример во светот. Тој посочи дека Гостивар и Килис се браќа во однос на угостувањето, заедничкиот и културниот живот.
За да може да продолжи братството на повисоко ниво, ќе се организираат голем број заеднички активности на полето на економијата, спортот, културата и социјалниот живот.
Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар, истакна дека е многу задоволен од збратимувањето на двата града и среќен што денес е домаќин на градоначалникот на Килис.
Тој нагласи дека по иницијатива на еден гостиварец којшто живее во Истанбул, двата града со заедничка одлука станаа збратимени.
„Денес потпишавме договор за соработка. Се надевам дека ќе имаме соработка особено во образованието и културата и во областа на заедничките инвестиции“, рече Таравари.
По прес-конференцијата градоначаникот на Килис, Хасан Кара, на градоначалникот на Гостивар, Таравари, му подари шалче на фудбалскиот клуб „Килис Беледијеспор“.