Zylfije Adem Jakupi
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека најдобро решение за ситуацијата создадена со одлуката на Косово да воведе реципроцитет на регистарските таблички, е меѓусебно укинување на пробните таблички од страна на Косово и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Курти на прес-конференцијата изјави дека Владата на Косово на 20 септември започнала да издава пробни таблички за возилата кои влегуваат во Косово со српски регистерски таблички и да ги отстранува сите нелегални таблички на возилата кои патуваат низ Косово. Тој рече дека одговорот на локалните Срби да бидат снабдени со пробни таблички е добар.
Тој нагласи дека камионите во сопственост на локалните институции се користат како пречки на патиштата што водат до граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ на северниот дел на Косово, што според него е повреда и злоупотреба на јавниот имот. Ги повика локалните власти да ги повлечат камионите, како и граѓаните да го прекинат протестот.
„Ги повикувам градоначалниците на север да ги повлечат возилата на општинските институции од патот, а исто така ја повикувам и организираната група српски граѓани да се тргнат од два регионални патишта, односно да ги деблокираат, бидејќи со тоа се блокираат себеси и своето движење. Значи, тие не ги блокираат само другите, туку и себе“, изјави Курти.
Тој нагласи дека намерата на Владата не е да дискриминира никого, ниту пак мерките се насочени против Србите, бидејќи тие можат да добијат косовски регистарски таблички. Уште еднаш повтори дека мерката е еднаква на онаа што Србија ја применува за косовските граѓани веќе две децении. Додаде и дека Србија не го применила ни последниот договор во рамките на техничкиот дијалог во Брисел за слобода на движење.
„Разговорите не би требало да имаат алтернативи или други планови и нагласуваме дека сме заинтересирани за трајни и одржливи решенија за движењето на граѓаните меѓу нашите две земји. Значи, да почнеме со официјалните ознаки и да им понудиме на граѓаните нова перспектива заснована на човековите права, граѓанските права, како и европските права, вредности и демократски принципи“, рече Курти.
Тој нагласи дека немало инциденти на граничните премини.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, рече дека има нормални контакти со министерот за заедници и враќање, Горан Ракиќ, и покрај одредени разлики во ставовите. Рече дека Ракиќ отишол на граничните премини „Брњак“ и „Јариње“ со цел да ја смири ситуацијата, па затоа не смета дека треба да преземе казнени мерки против него. Посочи и дека граѓаните кои имаат нелегални регистарски таблички, нема да бидат кривично гонети, ниту пак ќе се бараат, бидејќи фокусот е на граничните премини.
Курти рече дека изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не служат за нормализирање на односите.
Тој нагласи дека специјални полициски сили биле испратени на северните гранични премини во Србија, со цел да ја заштитат граничната полиција и дека тие не се насочени против никого. Премиерот рече дека Косово сака слобода на движење и дека за тоа треба да се разговара во Брисел.
Како што рече, Косово е многу отворено за тие разговори, но се чини дека немаше подготвеност од страна на Белград. Тој оцени дека никој нема волја или интерес да ја влоши ситуацијата, но дека начинот на кој зборува претседателот Вучиќ покажува дека некому му се потребни инциденти. „Тоа“, додаде тој, „не е државата Косово, ниту пак граѓаните на Косово, без оглед на нивната националност.“
Тој рече дека како премиер не прави разлика помеѓу Србите, но дека има Срби од Косово кои не сакаат да разговараат со него затоа што се плашат од паралелните српски институции, а не од него или од косовската Влада.